И, како да сме среќни?

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Најсреќни од буџетот на Владата на конзервативците ќе бидат оние 1 отсто на кои даночните олеснувања ќе им го олеснат и онака лесниот живот. Ние другите, со дигитрон и хартија и пенкало и грицкање молив, пресметуваме. И, како да свртиме, нема ништо за нас. Каматите се зголемени за четирипати, потрошувачката кошничка трипати, а главоболката двојно. И не сме среќни.

Зборуваше еден час и петнаесетина минути. Типична атмосфера во парламентот. Неговите со извици на охрабрување, одобрување и тропање со нозете, оние отспротива со потсмев, неодобрување и викање „немаш врска“, „ист Тори, друго пакување“ „овој да си оди дома и таму да лаже“, а другите – „вие па да не сте нешто подобри“. На моменти колективната врева беше толкава што заменичката претседавачка на парламентот мораше да ја прекинува седницата, а во еден момент дури и лично го „прозва“ со име и презиме најгласниот и најнемирниот пратеник  и му рече дека ако не се смири, ќе го избрка од седницата. Но, сепак на крајот се помина според традицијата на  парламентот во Вестминстер.

Канцеларот, односно министерот за финансии Џереми Хант меѓу другото рече дека ќе ја поттикне економијата, ќе им помогне на мајките да се вратат на работа со 30 бесплатни часа за децата во градинки и најави реформи во пензискиот систем за лекарите да не се пензионираат предвреме. Исто така и некои даночни олеснувања за бизнисите. Не веднаш, туку за некоја година, ама сепак.

Потоа лидерот на опозициските лабуристи, сер Киер Стармер стана и рече дека сето ова е необработено, дека наместо вистински оперативни зафати за раните во економијата, Хант залепил ханзапласт и дека неколкуте добри идеи, како бесплатните градинки за вработените родители, ги препишал, односно бесрамно украл од нив. А и тоа не го направил како што треба, лошo ѕиркал ли, што ли, крадел идеи од лево, од десно, од секаде, каша попара.

И додека аналитичарите анализираат, а експертите… па добро, тие со денови, недели и со месеци ќе даваат експертизи што и како и колку ќе заштедиме: сега-засега, ние лично констатиравме дека не баш многу. Најсреќни од најновиот буџет на Владата на конзервативците ќе бидат  оние 1 отсто од населението на кои даночните олеснувања ќе им го олеснат и онака лесниот живот. Ние другите, со дигитрон и хартија и пенкало и грицкање молив пресметуваме. И, како да свртиме, нема ништо за нас. Каматите се зголемени за четирипати, потрошувачката кошничка трипати, а главоболката двојно. И не сме среќни.

Лоша одлука во лошо време

Нашата несреќа ја делат производителите на виски. Посебно на оние од Шкотска. Шкотската виски индустрија ја осуди одлуката на канцеларот Хант да го зголеми данокот на овој пијалак за 10,1% што е едно од најголемите покачувања во последните неколку децении. Тоа значи дека од просечната цена од 15.22 фунти за шише виски, 11.40 фунти ќе одат за данок и ДДВ, зголемувајќи го досегашниот товар од 70% на 75%. Ова е историски удар за шкотската виски индустрија, изјави извршниот директор Марк Кент. Лоша одлука во лошо време, рече тој, и разочарувачка.

А само пред некоја недела добивме покана да одиме во Единбург на дегустација на 21 година стар Гленморанџи. Сингл малт. Попусто канцеларот рече дека ќе дал пари за фестивалот таму. Фестивал со скапо виски и скапо пиво? Ни се помати радоста. И како сега да им се појавиме на луѓето таму? Како? Тие несреќни, ние саклдисани, рецепт за масивна главоболка.

Патем, поскапеа и онака изгор скапите цигари. Што мене лично не ме засега, откако се откажав и веќе не се смрзнувам и умирисувам. Ама ова уште пошироко ги отвора вратите за шверц на цигари од разни извори, често со сомнително потекло и донесени на разни инвентивни начини, меѓу кои и под мантија на свештеници дојдени од западните балкански краишта.

Брегзит?

И овој пат никој не го спомна брегзитот. Владата се прави како да нема врска тоа што сега, седум години потоа, луѓето се посиромашни и понесреќни и упорно повторува, па гласаа за тоа и тоа е демократија. Ама никој не гласаше да биде посиромашен. Интересно е што и двете најголеми партии бегаат од брегзитот како ѓавол од крст. Конзервативците зашто добар дел од нив, освен оние тврдокорните (ах тие тврдокорни) знаат дека одлуката беше донесена врз лажни и погрешни податоци и изманипулирани гласачи. Се сеќавате на оној автобус со натпис дека секоја недела во ЕУ се одлевале 350 милиони фунти наместо тука за болници да има? Е, па, кој беше толку наивен да верува на она што се рекламира на автобуси? Плус, каде се милионите што останаа во земјата за здравството, кога ете сега дури и младите лекари штрајкуваат зашто платите им се пониски од на оние што прават сендвичи во синџирот „Прет а Монже“. Мислам, сендвичите не се лоши, рачно се правени, ама не се споредува, нели?

А лабуристите молчат како риби зашто тоа не е тема со која се добиваат избори. Вели еден експерт вчера на Би-би-си, ако соберете десетмина економисти во една соба и ги прашате за брегзитот, деветмина од нив ќе ви кажат дека тоа беше лоша одлука. И има право човекот.

И затоа јас упорно го спомнувам. Да беше Британија со брегзит земја на можности, ќе видевме некој аир досега. Видовме ли? Цк. Ние обичните, не зборувам за оние брегзитџии како Најџел Фараж или Јакоб Рис-Мог, БоЏо и да не го спомнувам, привилегираните, кои направија име, кариера и бизнис од брегзитот. Што сè се случува, луѓе мои, за неверување.

Договор што го имавме

Ете, на пример, премиерот Риши Сунак кому душата на нос му излезе да го преуреди договорот за Северна Ирска. Го средивме ова, рече тој, го донесовме протоколот од Виндзор по четири месеци преговори и сопки од високи сопартијци (види погоре). Сега Северна Ирска е во неверојатно специјална позиција, уникатна позиција каква нема на светот… има привилегиран пристап не само до домашниот пазар на Обединетото Кралство, кој е петти по големина на светот, туку и до заедничкиот пазар на Европската Унија. Никој го нема тоа, рече Сунак. Никој.

Паааа, сега, како да кажам… да му кажам или не? Некои го имаа тоа. Го имавме тоа сите ние тука, пред 31 јануари 2020 година. Трговија без граници меѓу нас и меѓу ЕУ, тоа беше заедничкиот пазар. На Северна Ирска и продадоа нешто што веќе го имаше како да е којзнае што, под превезот дека ете, брегзит исполнуваат. Глатко решение. Единственото глатко од сето ова може да биде ирскиот „џејмисон“, кој сега уште поелегантно ќе ни доаѓа тука (немам ништо против, напротив) и онака ги осакатија шкотските производители.

Значи, цареви за пукање во нога, па тоа е.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот