И годинава почна во магла и смог, загадувањето останува горлив проблем

Скопје во магла 31.12.2022/Фото: Слободен печат

Густата магла синоќа не ги поколеба Скопјани во голем број да се соберат на плоштадот Македонија и на скромната бина, покрај елката, единственото украсено и осветлено место на плоштадот да ја пречекаат новата 2023 година.

Многу од присутните носеа маски, зошто се чувствуваше загаденоста на воздухот и без да се погледнат бројките од мерните станици низ градот.

Во Скопје околу полноќ воздухот беше над максимално дозволените граници, покажаа сите мерни станици во главниот град. Во Центарот на Скопје на полноќ имаше регистрирано најголема концентрација на ПМ10 честички (152), а во Ѓорче Петров имаше 120 и во Лисиче 116. Според податоците на skopje.pulse.eco на полноќ биле регистрирани просечни 237 микрограми на, метар кубен ПМ10 честички во Скопје, а на мерната станица во Маџир Маало биле регистрирани преку 1.200 микрограми на метар кубен ПМ10 честички.

И покрај густата магла и смогот беше неверојатно раздвижено низ центарот на Скопје, но отсуствуваше весела новогодишна атмосфера и во околните кафулиња кои не им понудија никаква забава плус со жива музика на граѓаните од главниот град, па ноќта помина како што е вообичаено во текот на викендите.

Веројатно расположението се „потроши“ во текот на претходните десетина и повеќе денови кога компании и колеги си ги славеа успеси во годината која изминува. Од маглата не се гледаше ниту скромниот огномет на полноќ, а петардите и другата пиротехника дополнително го зачадија централното градско подрачје.

Скопје во магла 31.12.2022/Фото: Слободен печат

Енормно загадување и во другите градови

Според официјалните мерни станици на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) најзагадено синоќа на полноќ било во Струмица (385 микрограми на метар кубен ПМ10 честички) и Битола (329), а екстремно високо загадување имало и во Гостивар (290) Прилеп (270), Тетово (259), Кичево (250), Охрид (205) и Кавадарци (122).

Мерењето на загаденоста на воздухот останува приоритет на МТСП, иако невладините еко организации бараат поголеми заложби и на министството и на инспекторатот за конкретно да се лоцираат загадувачите во моментот кога емитираат големи емисии во воздухот.

Согласно буџетот за 2023 кој деновиве го претстави министерот за животна средина Насер Нуредини годинава за одржување на државниот мониторинг систем се предвидени средства во висина од 18,4 милиони денари, но тоа се средства од основниот буџет.

Најголемиот дел на средствата во оваа област се обезбедени преку два ИПА проекти, од кој еден за имплементација на директивите за воздух за што се обезбедени 1,5 милиони евра и вториот за набавка на опрема за мониторинг станиците што ќе бидат имплементирани 2023 г.

Ниту денес не се дише полесно

Мерните станици попладнево повторно покажуваа „црвено“ во Скопје. Не се спушти концентрацијата од 151 μg/m3 ПМ10 честички, па остануваат препораките дека квалитет на воздухот е многу лош.

-Секој може да почувствува непожелни ефекти врз здравјето, членови на чувствителните групи може да почувствуваат и посериозни негативни ефекти врз здравјето, препорачуваат од платформата и додаваат да се остане дома и да се ограничи изложеноста на лошиот квалитет на воздухот.

Според податоците на страница IQair денеска Скопје не е највисоко на скалата по загадувањето, туку на 18. позиција, а од балканските градови поголемо загадување е регистрирано во Сараево, Приштина и Истанбул.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот