И Брисел удира тврдо

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Никогаш не е предоцна за ЕУ на тврдо да удри токму на истиот начин – со тврдо. Можеби се само пусти надежи, но да се надеваме дека дел од членките на ЕУ ќе најдат поголем мотив и решителност да се спротивстават на бугарската политика што се манифестира преку отворено газење на суштината на европските вредности и унапредувањето на добрососедството.

Многу зборување и дебата, малку акција. Така обично се опишува улогата на ЕУ во надворешната политика и меѓународните односи. ЕУ често има проблеми кога треба да тргне решително, со еден заеднички чекор, да проговори со ист, заеднички глас. Македонија мошне добро на сопствена кожа веќе со децении ја чувствува таа непостојаност во пристапот на Брисел кон решавање на проблемите во сопствениот двор. Најнапред со досега невидена ирационална непопустливост на Грција во барањата за промена на име на држава, а и сега со агресивното историско-ревизионистичко дивеење на Бугарија за менување на националниот идентитет, јазик и историја на соседна држава. Но иако се работи за нарушување на темелните европски вредности, ЕУ главно се поставува набљудувачки и нерешително, на полудистанца.
„Ни по баба, ни по стрико“ е политика и пристап што се очекува од ЕУ. Токму затоа многумина сега со олеснување го дочекаа тврдото изразување јасна решителност на Брисел дека нема подготвеност да се премине преку некои граници или, подобро речено, „црвени линии“. Овојпат тоа се однесува на Унгарија и на нејзината игра „топло-ладно“, што во изминатите години предизвика голема иритираност во Брисел. „Молзачот на субвенции од Будимпешта нема да добие ни париче“, се истакнува во насловите на коментарите на влијателни европски медиуми.
Владеењето на правото, правната држава, е очигледно една од елементарните вредности врз кои се потпираат европските интеграции и не може да претставува растеглива категорија што некој ќе ја релативизира и оспорува, повикувајќи се исклучиво на некакви суверени права за заштита на сопствените национални интереси. Во тој дел ЕУ, особено нејзиниот западен дел, старата ЕУ, не покажува волја за компромис, што би можело да се толкува како изнудено попуштање пред основните принципи во интерес на некакви недоволно јасни цели. Сите за еден, но и еден за сите.
Многу нешта укажуваат дека ЕУ ќе замрзне 13 милијарди наменети како економска поддршка на Унгарија. Факт е дека штом ќе се спомене Виктор Орбан на либералите автоматски им се стемнува пред очите. Им се стемнува поради тврдокорноста на унгарскиот премиер да се повикува постојано на суверените права и „посебноста“ на интересите на неговата земја, спротивставувајќи се на таков начин на имплементирањето на европската регулатива, која е всушност и сржта во продлабочувањето на евроинтеграциите. Виктор Орбан во Будимпешта стана речиси митска симболична фигура која се поврзува со сето она што во изминатата деценија беше оценето како развој во погрешна насока – шовинизмот, тесноградоста што поттикнува предрасуди и, најмногу од сè, флагрантното непочитување на елементарните принципи на правната држава.
За надворешната политика на ЕУ, како што е познато, се одлучува едногласно. Кога ЕУ се договараше околу забраната на увоз на руска нафта, Унгарија беше изземена од ембаргото, бидејќи Орбан, во противно, се закануваше со вето. Вреди да се потсети дека тој во септември годинава декларираше дека ЕУ-санкциите против Москва би требало целосно да се укинат. Унгарија е единствената земја членка што се спротивставува на ЕУ-пакетот за поддршка на Украина од 18 милијарди евра, што се очекува да биде одобрен во Брисел на 6 декември.
Но, Орбан не ја блокира само надворешната политика на ЕУ. Долг е списокот на забелешки и на внатрешен план во земјата. Околу 80 проценти од унгарските медиуми, според извештајот на Европската новинарска федерација, што пред извесно време беше проследен со големо внимание, во практика се контролирани од страна на владејачката партија Фидеш. Независноста на унгарските судови е силно оспорена, а што посебно се потенцира во годишниот извештај на ЕУ за владеењето на правото. Корупцијата во земјата бележи експлозивен развој и е јасно поврзана со политичките моќници. Во рамки на ЕУ само Бугарија е покорумпирана од Унгарија.
Згора на тоа, во Унгарија се постојано на удар и правата на малцинствата. Пред извесно време, на пример, унгарскиот парламент усвои закон, според руски модел, со кој практично се забранува преку ден информирање во медиумите за правата на ЛГБТ лицата. Критериумите од Копенхаген, како правила што дефинираат дали една земја има право да пристапи кон Европската Унија, очигледно на Орбан му послужиле за еднократна употреба.
Унгарија е една од членките што со години посебно беше изложена на критики од страна на ЕУ, но преземените мерки главно завршуваа на половина пат до целта, а што секако е лош резултат, имајќи предвид дека Будимпешта е трета по ред меѓу најголемите корисници на пари и субвенции од европските фондови. Толку многу сериозни недостатоци се констатирани, така што Европскиот парламент во септември годинава усвои извештај во кој недвосмислено се дефинира дека Унгарија повеќе не е целосна демократија.
Проблематичните подрачја „се протегаат од начинот на кој функционираат уставниот систем и изборната регулатива, до правосудната независност, академските и религиозните права, како и правата на социјално загрозените групи во општеството“. Но, никогаш не е предоцна да се дејствува. Сега во декември се очекува ЕУ да замрзне околу 7,5 милијарди евра од редовното финансирање на Унгарија, согласно т.н. механизам за условување што беше воведен во 2020 година. Уште околу 5,5 милијарди евра од корона-фондот на ЕУ, наменети за Унгарија, ризикуваат од истите причини да бидат замрзнати до крајот на годинава.
Станува збор за астрономски суми, гледано низ оптиката на земјите аспирантки за членство од Западен Балкан – вклучувајќи ги тука и засилените надежи на Македонија за забрзување на преговорите на членство – кои обично се задоволуваат со „трошки“ што Брисел ги издвојува од енормните европски фондови. Но, во исто време на аспирантите некако послабо им се слуша за потребите од забрзување на реформите според европски терк, напоредно на тоа што многумина во западнобалканските земји во Орбан гледаат силен лидер што храбро се спротивставува на политички диктат, наметнувајќи се како бескомпромисен борец за суверените права на сопствената земја.
Се разбира, никогаш не е предоцна за ЕУ на тврдо да удри токму на истиот начин – со тврдо. Можеби се само пусти надежи, но да се надеваме дека дел од членките на ЕУ ќе најдат поголем мотив и решителност да се спротивстават на бугарската политика што се манифестира преку отворено газење на суштината на европските вредности и унапредувањето на добрососедството. И милијардите евра што ги добива Софија од ЕУ ни најмалку не се за потценување. Дури и далеку помала закана со кратење на европските пари, од она што сега се упатува кон Орбан, веројатно би ги натерала „бескомпромисните“ бугарски лидери барем малку да смекнат.

Авторот е новинар

Видео на денот