Хроники и трендови: Филмски туризам – Откривање на локациите од екранот во реалноста

filmski set
Фото: Unsplash

Кога зборуваме за филмски туризам, мислиме на туризам што на кој било начин е поврзан со филмската уметност и филмската индустрија. Впрочем, самиот филм е роден од желбата за патување (браќата Лимиер со „Пристигнувањето на возот на станицата Ла Сиота“); најголемиот дел од раната кинематографија се посвети на големите градови, снимани како туристички разгледници, фокусирани на архитектурата, историските знаменитости, луѓето на улиците…

Филмовите генерираат свесност и информации за некоја локација кај гледачот, создаваат позитивни асоцијации и вредност за некое место.

Концептот на филмски туризам како специфичен вид туризам се развива во шеесеттите години во САД, кога големите филмски студија ги отвораат своите сетови за посетителите и во Европа, поточно Швајцарија, која доживува вистински наплив на туристи од Индија кои доаѓаат да ги видат швајцарските Алпи, местото каде што моќните боливудски студија ги селат своите сетови бидејќи Кашмир каде што се снимаше дотогаш, стана недостапен поради воениот конфликт.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Andre Binarto (@andrebinarto)

Развојот на филмскиот туризам, впрочем како и секој друг вид туризам, се должи на економските придобивки и брендирањето на одредена локација, што јасно го покажа примерот на Нов Зеланд каде што Питер Џексон ја сними трилогијата „Господарот на прстените“, а десетина години подоцна и „Хобитот“. Охрабрен од наглото зголемување на бројот на меѓународни гости, Нов Зеланд ја насочува својата стратегија кон филмскиот туризам и наскоро станува една од најпосакуваните дестинации во светот.

Во САД покрај холивудските студија, во развојот на филмскиот туризам без конкуренција е Њујорк, поради огромната продукција на филмови и ТВ-серии што се снимаат – од филмови како „Кинг Конг“, „Сиот тој џез“, „Чудото од 34. улица“, потоа филмовите на Вуди Ален, Мартин Скорсезе, преку продукти како „Сексот и градот“, „Жица“, „Сопранови“… Во еден од минатите броеви пишував за „Џокер“ (2019) и претворањето на Њу Џерси како посакувана дестинација, особено за фото-туристите и „инфлуенсерите“. Во изминатите три децении градските власти во Њујорк и маркетинг-организациите, особено оние на Менхетн, ги препознале различните начини на кои филмските продукции снимени во градовите имаат позитивен ефект на локалната економија. Според податоците до 2015 година, филмската индустрија и филмскиот туризам генерирал 420 милиони долари годишно.

Фото: Профимедиа

Кога некој производ ќе добие значајна популарност, како во случајот со „Плажата“, „Игра на тронови“, „Хари Потер“ или „Господарот на прстените“, бројот на посети на нивните локации за снимање постојано и вртоглаво расте. Таков е случајот на Кралебран (Дубровник, Хрватска), Средна Земја (Мангаотаки Рокс, Нов Зеланд), Хобитон (Матамата, Нов Зеланд) или студијата на „Јуниверзал“ на Флодира и „Ворнер Брос“ во Лондон каде што е снимана франшизата „Хари Потер“. Еден неодамнешен и нам близок пример е Хрватска и најпопуларната серија на НВО, „Игра на тронови“. Во 2012 година серијата започна да се снима во Дубровник и служеше како локација на Кралебран, главниот град на седумте кралства. Туристичкиот одбор на градот Дубровник ја искористи популарноста на серијата, па така, направен е посебен промотивен материјал, посебни тури на местата каде што е снимано, а како посебна атракција е репликата на Железниот престол. Извештаите од Централното биро за статистика покажуваат зголемување на туристичките посети во Дубровник за 37,9 отсто во периодот од 2011 до 2015 година.

Во Велика Британија, филмот „Гордост и предрасуди“ (2005) ќе донесе пораст од 10.000 посетители дневно на имотот во Базилдон парк, каде што е снимена адаптацијата на романот од Џејн Остин. Секако, не може да го игнорираме најголемиот феномен – Хари Потер. Многу различни локации низ земјата имаат корист од огромниот успех, па така катедралата Глостер забележа зголемување од 50 отсто за една година, посетите на замокот Алнвик кој е мизансценот за Хогвортс пораснаа за 120 отсто, додека 16 отсто од туристите во Лондон изјавиле дека дошле токму по гледањето на филмовите. Меѓу поновите примери што развија филмски туризам се и Вест Беј и Бриџпорт по прикажувањето на крими-серијата „Бродчрч“ во 2013 година, Престон Мил од серијата „Туѓинка“, како и замокот Хајклер од „Опатијата Даунтон“, кој прима по 1.500 посетители дневно.

Во последните неколку години има зголемување на бројот на луѓе што патуваат во скандинавските земји како резултат на подемот на феноменот „нордиски ноар“ – криминалистичката фикција напишана (и снимена) во Скандинавија. Иако Стокхолм привлекува многу туристи и тешко е да се измери влијанието на филмот сам по себе, постојат некои бројки што ја покажуваат важноста на продукциите како „Милениум“, снимени по романите на Стиг Ларсон – од премиерата на филмовите (и шведската и американската верзија), Градскиот музеј во Стокхолм постојано организира „Милениум тура“ на локациите каде што е снимен филмот. Бројот на ноќевања на посетителите од Велика Британија во Данска пораснал во последните години, делумно благодарение на огромниот успех на данските ТВ-серии „Убиство“ и „Мостот“.

Филмскиот туризам сегмент е еден поширок феномен што привлекува различни типови филмофили и посетители воопшто, но и појави што отвораат некои етички прашања. Сè попопуларни се таканаречените „тури на сиромаштија“ во гетата, сламовите, фавелите, со цел да се доживее автентичната реалност и бедата во овие квартови.

Фото: Промо

Ваквиот тип филмски туризам започна по прикажувањето на „Божјиот град“ (2003) нa Фернандо Меирејеш и фасцинацијата со нарко-културата и животот во фавелите во Рио де Жанеиро. Сличен е случајот и по прикажувањето на „Милионерот од гетото“ (2008) на Дени Бојл, по што Дарави, еден од најсиромашните четврти во Индија, стана вистинска туристичка атракција. Многубројни водичи нудат обиколки низ овие сламови, во кои живеат најмалку милион луѓе. Во 2016-тата во Дарави е отворен и мобилен Музеј на дизајнот, чиј фокус е да им ги прикаже на луѓето многубројните предмети што се изработуваат од тамошните жители и да им се даде шанса за заработка.

Иако во Македонија досега се нема снимено покрупен интернационален проект или некоја од популарните ТВ-франшизи, некои од домашните филмови открија многу непознати или подзаборавени дестинации кај нас, како Манчевски со Мариово и филмскиот мост во Зовиќ или „Медена земја“ и пространствата на Овчеполието и ги поттикна гледачите да ги откриваат овие места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот