Хојт Ји: Западниот Балкан се преправа дека спроведува реформи

FOTO EPA/GEORGI LICOVSKI

Проширувањето на ЕУ до 2025 година не е реално и штетно е што Западниот Балкан се преправа дека спроведува реформи, а ЕУ дека тие се спроведени, изјави поранешниот заменик на помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Брајан Хојт Ји.

– Нема потреба да се откажува од евроинтеграциите, но важно е да се биде искрен какви се изгледите на тој пат. Затоа што преправањето дека тоа е извесно и оти некои земји можат да станат членки до 2025 година, не само што им одмага на оние кои треба да спроведуваат реформи, туку ги охрабрува и клептократите, корумпираните функционери да им велат на луѓето дека членството ќе се случи за две, три, пет години и им дава повеќе кислород отколку што заслужуваат, рече Ји на собирот „Решавање на нерешливото на Западен Балкан“ во Вашингтон.

Тој додаде дека меѓународната заедница моментално нема јасна стратегија за Западен Балкан и оти ЕУ и САД на регионот не му го придаваат значењето кое би требало, како и дека е важно ЕУ и САД да имаат единствен пристап.

– Исто така мораме да знаеме дека ако не реагираме веднаш – работите ќе станат многу полоши, заклучи Ји.

Во врска со состанокот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи во Берлин на 29 април со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, Ји рече дека не е пресуден за дијалогот меѓу Белград и Приштина, но е прилика за разговор.

Според него, „историските книги“ за Балканот се полни со моменти „сега или никогаш“, но состанокот во Берлин не е еден од нив, иако е прилика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот