Химната не е приоритет, но не треба да биде табу

Фото: EPA-EFE/Robert Ghement / POOL

Дека се преговара пишуваат медиуми, а не дека Ахмети вели. И јас можам да демантирам дека Ахмети рекол такво нешто, и тоа е несериозно пренесување изјава, која е за пред 20 години кога се разговарало за знамето, за химната, за грбот – изјави Бујар Османи.

Не е точно дека менувањето на химната е предмет на преговори во владејачката коалиција, тврдат владини претставници, откако неколку медиуми известија за тоа врз основа на телевизиско гостување на лидерот на ДУИ Али Ахмети на ТВ Клан Македонија. Политичари и експерти велат дека темата за химната не е приоритет во овој момент и се наметнува со цел да се дефокусира јавноста од поважни прашања, но повеќето се согласуваат дека проблем со химната постои и тој не треба да се третира како табу-тема.

„Знамето и грбот на Северна Македонија веќе се ставени на маса меѓу СДСМ и ДУИ, а нова химна е само прашање на време“ – вака беше интерпретиран дел од интервјуто со Ахмети во некои македонски медиуми. Но, шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој воедно е и портпарол на ДУИ, вели дека изјавите се погрешно и манипулативно пренесени.

– Дека се преговара пишуваат медиуми, а не дека Ахмети вели. И јас можам да демантирам дека Ахмети рекол такво нешто, и тоа е несериозно пренесување изјава, која е за пред 20 години кога се разговарало за знамето, за химната, за грбот. Згора на тоа имаше промена на грбот. Но, нема такви преговори, а очигледно е дека прашањето на химната не е инклузивен елемент во државата, и тоа го чувствувате на спортските натпревари кога сѐ нè спојува, освен химната, каде што еден голем дел од граѓаните не се гледаат внатре, не се споменуваат. А, ние градиме едно мултиетничко општество на кое сите ни завидуваат – вели Османи.

Од опозициската Алијанса за Албанците сметат дека темата за промена на химната се наметнува по неуспехот за да се издејствува датум за почеток на преговори со ЕУ. Оттаму велат дека „гачките за наводна промена на химната се лажен патриотизам на Ахмети“.

– Ахмети од една страна сака да направи театар дека наводно ќе смени нешто и Заев од друга страна дека брани нешто. Сета ова измама има само една цел, да ја дефокусира јавноста од единствената вистина на денот, уште еден неуспех во евроинтегративниот процес. Наместо лаги, Владата на СДСМ и ДУИ треба да даде оставка и отчет за неуспехот во интегративниот процес – се вели меѓу другото во писмената реакција на АА.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, за „Слободен печат“ вели дека идејата на Ахмети е подготвување за локалните избори што ни претстојат, бидејќи, според него, ДУИ нема да биде прва партија меѓу Албанците и нуди некои работи што се минати.

– За ова се разговараше пред десет години и за тоа се најде решење. Тоа во моментов не е приоритет. Сега приоритет ни е да ги завршиме работите што ни се дадени од ЕУ. На тоа треба да се концентрира и самиот Ахмети, но не го гледам тука да е многу загреан за оваа работа – вели Андов.

Според него, во некое мирно време, кога ќе ги решиме поважните работи, може да се разговара за химната.

– Нашата химна е единствена во која се спомнуваат конкретни лица, тоа не се практикува во химните на европските земји. Во нивните химни се обраќаат на Бога, или на кралот и кралицата, како во британската химна, да речеме. Но, тоа не се прашања за кои сега треба да разговараме. Ова е за да се тргне вниманието од она што е суштинско и ајде ќе разговараме за химната – вели Андов за „Слободен печат“.

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека прашањето на химната треба да се третира без предрасуди, додека државното знаме е апсолвирано со правото да се користи националното знаме како симбол на етничка припадност.

– Текстот на националната химна во земјава, каде што коегзистираме со Македонците и со другите етнички заедници, повремено беше отворана како тема за дискусија. Химната стана актуелна особено за време на нејзиното интонирање на натпреварите на Европското првенство и тоа што не ја пееја репрезентативците од албанската припадност. Затоа политичката елита треба да рефлектира на оваа тема во вистински момент, не оставајќи ја како табу, и да најде решение. Мислам дека она што нѐ обединува и нѐ прави уште поверни и попосветени на нашата заедничка држава е нашето секојдневие и затоа треба да се третира и овој проблем без предрасуди – истакна Рамадани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот