Граѓанска непослушност за „глувата“ власт

Христијан Мицкоски/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Недавањето предвремени избори значи свесно туркање од страна на СДСМ и ДУИ во уште поголема криза. Доколку летово нема договор, ќе преминеме во целосна блокада – на Собранието, на процедурите и системот, ќе има протести и низ градовите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓанска непослушност, блокади на патишта и на Собранието, протести во сите градови, се дел од активностите што ги најавува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ако премиерот Димитар Ковачевски, како што велат од партијата, не се преиспита за понудата за предвремени парламентарни избори. За Ковачевски, пак, темата избори пред редовниот термин е затворена.

Прашањето е, сепак, колку помалите владини партнери ќе опстојат на потписите на декларацијата од изминатиот викендов ако извиси проектот една изборна единица.

По големиот саботен протест на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ изјави дека Ковачевски уште еднаш добро треба да размисли за понудата за избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе седне на маса со Ковачевски само ако темата е избори, а рокот за договор за датум за избори е летово. Во спротивно, опозицијата најавува дека Ковачевски ќе се соочи со целосна блокада на системот.

ВМРО-ДПМНЕ: Целосна блокада ако нема избори

– Недавањето предвремени избори значи свесно туркање од страна на СДСМ и ДУИ во уште поголема криза. Доколку летово нема договор за предвремени парламентарни избори, ќе преминеме во целосна блокада. Ќе го блокираме Собранието, но и патиштата, ќе има протести низ градовите. Ќе има и блокада на процедурите и на системот. Се разгледуваат сите опции на граѓанска непослушност. Доаѓа најтешката зима од економски и политички аспект. Последиците ќе бидат уште поголеми ако не се релаксира општеството и ако нема избори, а за тоа е виновна власта – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За деталите од активностите што ќе следуваат ќе расправаат органите и телата на партијата. ВМРО-ДПМНЕ најавува лето на протести во чиј фокус ќе биде Македонија на прво место.

– Тоа подразбира дека тимови на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посетат сите градови и села. Пратениците, Извршниот и Централниот комитет, заедно со градоначалниците, ќе работат на општа мобилизација и изразување незадоволство од политиките, лошата перспектива и од економската состојба. Нема простор за губење време на протоколарни средби, по напорите за средби и одбивањето на Ковачевски, единствената средба што ќе ја прифатиме е таа на која ќе се зборува само за клучни теми за Македонија за предвремени парламентарни избори – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

По состанокот на Ковачевски со владините партнери, кои, пак, со потпис гарантираа дека избори ќе има во 2024 година, и вчера од СДСМ на Мицкоски му порачаа да се откаже од блокадите и опструкциите.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ треба да покажат одговорност и конструктивност законските решенија за граѓаните и помош во време на криза да бидат усвоени. Примери низ светот има многу, во време на глобална криза опозицијата и власта треба заедно да работат во интерес на граѓаните, а не опозицијата да блокира, да кочи и опструира. Тоа го нема никаде, освен кај ВМРО-ДПМНЕ. Затоа повикуваме на разум, ВМРО-ДПМНЕ сега треба да покаже конструктивност, да почне да работи за интересите на граѓаните наместо за личните амбиции на Мицкоски. Граѓаните во овој чувствителен период од сите политички субјекти со право очекуваат одговорност, работа и посветеност во надминување на последиците од глобалната криза – изјави Мартин Костовски, пратеник од СДСМ.

„Малите партии“ потпишаа изборите да се одржат во редовниот термин

Владините партнери на средбата со Ковачевски потпишаа Декларација за обезбедување стабилност за граѓаните, домашната економија и бизнисот и избори во редовниот термин во 2024 година.

– Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговор на кризата преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР – рече по средбата Ковачевски.

Тој ја повика опозицијата да ги преиспитаат и да ги променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом и рече дека политичкиот дијалог со опозицијата околу прашањата од највисок национален интерес треба да се одвива на конструктивно ниво, во рамките на демократски избраните институции.

На средбата сите владини партнери се согласиле дека сега не е време за избори, но дел од помалите коалициски партнери и натаму се на ставот дека поддршката на Владата ќе зависи од тоа дали Ковачевски ќе го убеди владиниот партнер Али Ахмети за промена на изборниот модел. Во неделата било отворено прашањето за една изборна единица, но помалите партии не добиле дециден одговор дали ќе има промена на изборниот модел. Дел од помалите партии велат дека ќе биде важно дали министерот за правда Никола Тупанчевски ќе успее да формира работна група за новиот Изборен законик и дали промената на изборниот модел ќе биде дел од пакетот изборни правила. Во спротивно, велат тие, не гледаат зошто и натаму би ја поддржувале Владата, бидејќи нивен главен услов за поддршка на Владата на Ковачевски беше промена на изборниот модел.

Ако Ковачевски не го убеди Ахмети за промена на изборниот модел, можно е повторување на епизодата во Собранието за ново парламентарно мнозинство, особено откако пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи ја напушти партијата и мнозинството се намали на 63 пратеници.

Од Ахмети, сепак, најмногу зависи дали и кога ќе има предвремени избори. Тој е дециден дека Владата треба мандатот да се истурка докрај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот