Граѓаните разочарани, зонското во Карпош се сведе на – стави табла и наплаќај за паркирање!

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Низ Карпош 1 не е исцртано ниту едно паркинг место, освен на улицата Орце Николов, а нема ниту официјално известување дека веќе е воведено зонско паркирање, освен што се поставени табли со телефонски број за плаќање. За станарите ништо посебно не е сменето, слободни паркинг места и понатаму нема.

Зонското паркирање во Карпош 1 и 2, кое некои од жителите со нетрпение го очекуваа затоа што се надеваа дека на тој начин ќе им се реши долгогодишниот проблем со паркирањето се сведе на неколку поставени табли со известување дека на тој простор се наплаќа за паркирање во зона Д42 и телефонски број на кој треба да се јави тој што сака да си плати. На таблите не стои ниту името на ЈП „Градски паркинг“ кој е задолжен да го регулира паркирањето во населбата. Дека се „штедело“ на изработка на таблите говори и фактот дека на нив не пишува ниту колку чини час паркирање, ниту е објаснето како да се одјави оној што веќе пратил СМС за наплата.

И не се само таблите единствениот проблем. Низ Карпош 1 не е исцртано ниту едно паркинг место, освен на улицата Орце Николов, а нема ниту официјално известување дали веќе е воведено зонското или не. Притоа, голем дел од станарите за кои паркирањето е бесплатно, сѐ уште не ги имаат пријавено своите возила, повторно поради недостаток на информација.

И додека тоа им се случува на станарите, од Општина Карпош не реагираат затоа што обврската му е препуштена на ЈП „Градски паркинг“, а тие пак очигледно сметаат дека доволно е да постават табли и да започнат со наплата.

Вчера ја поставија таблата пред нашата зграда и сега не знаеме дали е веќе воведено зонското или не. Голем дел од соседите не ги имаат уште пријавено возилата затоа што на нашата зграда на улица Никола Тесла немаше никакво известување кога и каде треба тоа да се направи. Па така, кој дознал отишол да ја заврши таа обврска. И какво е ова зонско паркирање? Нели требаше да се регулира проблемот со паркирање? Сѐ е исто како порано. Нема исцртани паркинг места, хаварисаните возила и натаму си стојат по улиците и паркиралиштата. Ако идејата беше само да се наплатуваат пари од паркирање, тоа е успешно спроведено. Друго ништо. Срамота – реагира жител на Карпош 1.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Од „Градски паркинг“ велат дека зонското веќе е воведено.

Ве информираме дека зонското паркирање на територија на Карпош 1 и Карпош 2 е започнато. Во моментов активно работиме на поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација – одговараат од претпријатието.

Оттаму и покрај нашите прашања нема одговор дали зонското според нив значи – постави табли и наплаќај, и зошто на таблите нема доволно информации како што е практика со информативните табли во другите делови на градот.

Во однос на реакцијата на граѓаните дека не се навреме известени, од „Градски паркинг“ и понатаму тврдат дека жителите на Карпош 1 и Карпош 2 се информирани „преку истакнување „Известување“ на влезовите на сите станбени згради и куќи“ опфатени со зонското паркирање.

 Сите корисници заинтересирани за аплицирање т.е. доставување на документација со цел стекнување на право на користење на паркинг услугите на една од категориите корисници на ЈП „Градски паркинг“, имаат право тоа да го направат во канцеларија Карпош, лоцирана на улицата. „Дрезденска“ бр. 15, Скопје, секој работен ден од 08.00-22.00 часот и сабота од 08.00- 14.00 часот – велат од „Градски паркинг“.

Зонското во Карпош ќе ги преполови местата за паркирање и ништо нема да реши, стравуваат граѓаните

Карпошани кои живеат во овие населби нема да добијат плус места за паркирање, затоа што според „Градски паркинг“ нема простори наменети само за резидентите, поточно целта на претпријатието била да се задоволат потребите на станарите, но и на сите останати корисници на паркинг услуги.

 Согласно „Упатство за начинот и условите за користење на паркинг услугите кои што ги извршува ЈП „Градски паркинг“- Скопје“, со арх. бр. 03-159/1 од 02.04.2015, утврдени се категориите корисници на паркинг услугите на претпријатие, и тоа: станар, вработен во правен субјект, правен субјект, физичко лице и лице со попреченост. Дополнително, право на паркирање се овозможува и за услугата „час паркирање“, за што наплата се врши согласно пропишаните цени во Ценовникот на услуги кои ги извршува ЈП „Градски паркинг“ – објаснуваат од претпријатието.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Јавните површини во Карпош со зонското паркирање нема да се ослободат ниту од хаварисаните возила, затоа што „Градски паркинг“ може да изврши само дислоцирање и тоа на барање на сопственикот.

 ЈП „Градски паркинг“ преку Сектор пајак, покрај основата дејност за отстранување на непрописно паркирани возила од паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието и од јавни површини по налог на овластено лице, врши и услуга за дислоцирање возила од една на друга локација по барање на корисниците. Со цел отстранување на хаварисаните возила од одредена локација, потребно е барање од сопственикот на возилото или налог за отстранување на хаварисано возило издаден од комунален инспектор на општината или Градот – тврдат од претпријатието.

И така, на карпошани им останува надежта, дека ако не друго барем со зонското ќе се спречи паркирање на возила од соседната општина каде паркирањето е дозволено само за резиденти. Слободни места за паркирање и понатаму ќе нема доволно. Исто како и во другите населби низ градот, како на пример во Аеродром каде што веќе е воведено зонското.

Во меѓувреме зонското постепено се шири низ Скопје иако со него во суштина ништо не се решава освен што се полнат буџетите на двете јавни претпријатија кои се занимаваат со оваа дејност. Затоа што сѐ додека законски не се воведе обврската секоја нова зграда да обезбеди доволно паркинг места за станарите, а тие да се задолжени да купат паркинг место заедно со станот, додека не се направат доволно монтажни гаражи и додека пред воведување на зонско не се направи процена на потребите на жителите, сите обиди да се регулира паркирањето ќе се сведуваат на – стави табла и наплаќај за паркирање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот