Граѓаните не сакаат нови згради во Ѓорче, бараат да не се одобруваат ДУП

Иницијативата против урбано дивеење утре, точно напладне, ќе одржи предупредувачки протест со блокада на сообраќајот кај кружниот тек пред црквата „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров. Причината е што и покрај нивните барања да се повлече од дневен ред на седницата на Советот ДУП СЗ 15, тоа не е направено.

Поради тоа Иницијативата вчера поднесе барање за средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски за да му посочат да не ги одобрува ДУП-овите што доаѓаат од Општина Ѓорче Петров.

-Причината за оваа средба е да ургираме до Министерството како надлежен орган да не ги прифаќа и одобрува ДУП што доаѓаат од Општина Ѓорче Петров поради сомнеж дека градоначалникот Наумоски има лични врски со урбаната мафија – рече Горан Костов од Иницијативата против урбано дивеење на вчерашната прес-конференција.

Тој појасни дека во Советот на Општината вчера е поминат ДУП СЗ 15, кој го опфаќа просторот  во непосредна близина до паркот во Ѓорче Петров и во него се  предвидени 17 нови згради со висина до 33 метри со вкупна бруто развиена површина од 138.918 м2 или 23.578 м2 градежна површина.

-Со овој ДУП се легализира и се отвора патот на онаа спорна зграда што треба да никне во самиот парк. Ова е еден од тие 25 ДУП кои Општината замислила да ги помине за наредните осум месеци. Урбаната мафија е до таа мера навлезена со влијанието во општината што функционираат како една единка – рече Костов.

Костов додаде дека се надеваат дека ќе наидат на слух кај министерот бидејќи, како што рече, со градењето на овие згради, се уништува живеењето на жителите на Ѓорче Петров.

Од Иницијативата против урбано дивеење прашуваат кога ќе престане ова „печатење“ урбанистички планови, како што се случи за Хром, Дексион-Јурија, а сега и за овој простор.

Жителите од населбата Дексион, организирани во Иницијативата, во септември минатата година одржаа мирен протест и ја блокира главната улица кај Јурија во Општина Ѓорче Петров, против усвоениот ДУП СЗ 24, со кој се предвидува изградба на згради со височина и до 17 ката на овој простор. Тие бараа од Општината да го ревидира планот, да се намали градежниот габарит и катноста на зградите, но како што информираа, одговор од локалните власти до нив никогаш не стигнал.

Минатиот месец повторно побараа ревидирање на донесените ДУП, кои според нив се промовираат и презентираат крајно нетранспарентно. Тие обвинија дека во Општина Ѓорче Петров владее урбанистички хаос, дека се носат детални урбанистички планови што предвидуваат згради од 10, па и од 20 ката, без соодветна инфраструктура, што во иднина ќе го отежни животот на граѓаните во Општината.

Според Иницијативата, во Дексион ќе се гради седумнаесеткатница, во Хром 100 згради, а во ДУП СЗ 16 се предвидени 10-катници и 20-катници спроти пазарот во Ѓорче, на паркингот и покрај кружниот тек, дијагонално од Порта Влае. Притоа, како што тврдат, не се води сметка за инфраструктура, за паркинг-места и за зеленило.

Оттаму тогаш нагласија дека спорните згради уште не се започнати со градење, но деталните урбанистички планови се донесени, што значи дека ќе се даваат градежни дозволи.

– Многупати поднесувавме претставки во Општина Ѓорче Петров и баравме ревидирање на плановите, но оттаму нема ниту одговор ниту некаква реакција. Доколку се изградат зградите, дури тогаш ќе се соочиме со навистина реални проблеми, но тогаш ќе нема назад – потенцираа од Иницијативата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот