Го откриваат присуството на вирусот за неколку минути: Овие земји развија брзи тестови за корона

Фото: EPA-EFE/ABBOTT

Засега не постојат лекови или вакцина против коронавирусот, поради што сигурните и брзи тестови во следните месеци се најважна мерка за спречување на ширење на пандемијата. Научниците работат на развој на брзи тестови, со релативна успешност. Првите брзи тестови на коронавирус ги имаше земјата во која и започна епидемијата – Кина, пишува српски „Блиц“.

Кина

Пекинг на средина на март го одобри првиот брз тест за коронавирусот со методот на хемолуминисценција, со кој се анализираат примероци на 400 пациенти за 130 минути. Китот за тестирање е развиен од Медицинскиот факултет Чонгкинг и компанијата „Bioscience Diagnostic Technology“.

Своја верзија на брзите тестови направи и нелиценцираната компанија „Shenzhen Bioeasy Biotechnology“, која потоа ги извезе во Шпанија, кадешто се дозна дека се неисправни.

САД

Истовремено и САД работеше на унапредена технологија на брзите тестови. Меѓу првите одобрени е оној на компанијата „Roche Holding AG“ кој е дури 10 пати побрз во тестирање на потенцијалните случаи од дотогаш користениот тест.

Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) минатата недела одобри користење на брзи тестови со кои е возможно да се детектира присуство на коронавирусот за околу 45 минути. Во прашање се тестови на компанијата „Cepheid“ од Калфорнија чија испорака треба да започне овие денови.

Во меѓувреме ФДА итно одобри користење на драстично побрзи тестови кои можат да го детектираат присуството на вирусите за само неколку минути. Компанијата „Abbott Laboratories“, која го смисли уредот, вели дека тој е мал и пренослив, со големина на тостер, за доколку е потребно да може да се постави и надвор од болниците.

Компанијата тврди дека нејзините тестови за само пет минути можат да утврдат дали некое лице е заразено со коронавирус, а во рок од 13 минути да утврдат дали тестираниот е негативен.

Борбата со коронавирусот во Америка во старт беше отежната поради недостаток на соодветни тестови, а во случаите кога примероците се тестирани, доаѓаше до застој и поради спорното пренесување на информациите за резултатите на тие тестирања.

Русија

На другиот крај од светот, Русија и Јапонија ги здружија силите за да направат свои брзи тестови. Рускиот Фонд за директни инвестиции соопшти минатата недела дека е произведен нов тип на тест за коронавируот заедно со јапонската компанија „Mirai genomics“.

Новиот руско-јапонски систем за тестирање наводно веќе е во употреба во многу болници и лаборатории ширум Русија, но и за компаниите кои сакаат да ги тестираат своите вработени.

Јапонија и пред тоа користеше брзи, 10-минутни тестови, кои се развиени од научници од универзитетот во Нагасаки во соработка со фирмата „Canon“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот