Гнев во Словачка, ослободен е бизнисменот обвинет за убиството на новинарот Куцијак и неговата девојка

Судот во Словачка денеска по вторпат го ослободи од обвинението бизнисменот обвинет дека стои зад убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак во 2018 година, во случај што ја потресе земјата и предизвика масовни протести против корупцијата во земјата.

Бизнисменот Маријан Кочнер наводно ги нарачал убиствата на 27-годишниот Куцијак и неговата свршеница Мартина Куснирова. За злосторството беа осудени четворица, меѓу кои и соработничката на Кочнер, Алена Жуцова.

60-годишниот Кочнер инсистира на тоа дека не е виновен, а во последното обраќање пред судот минатата недела рече дека „не е светец, но не е ни убиец“.

Новинарите што го следеа случајот известија дека семејствата на жртвите ја напуштиле судницата во градот Пезинок, откако судијата го ослободил Кочнер во судскиот процес што се емитуваше во живо на интернет. Пресудата беше дочекана со лавина од реакции на социјалните мрежи и со најави за нови протести.

Судот веќе го ослободи Кочнер во 2020 година, тврдејќи дека нема доволно докази за негова вина, но врховниот суд нареди повторно судење. Новата одлука може повторно да се обжали.

Убиството на Куцијак и Куснирова предизвика масовни протести што го принудија тогашниот долгогодишен премиер Роберт Фицо да се повлече, а новата влада дојде на власт во 2020 година по кампањата која ветуваше борба против корупцијата.

Но, коалицијата што ја победи партијата Смер на Фицо падна на крајот на минатата година, а Смер сега води во анкетите пред изборите на 30 септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот