„Гласен Текстилец” со над 70 пријави за неисплатен К-15: Или нема исплата или им исплаќаат од 250 до 2.000 денари

кристина ампева гласен текстилец
Кристина Ампева „Гласен текстилец“/ Фото: МИА

Воопшто неисплатен или уплатен минимален износ од 250 до 2.000 денари добиле над 70 текстилни работници во земјава кои пријавите и поплаките ги доставиле до штипското здружение „Гласен Текстилец”.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец” истакнува дека годинава е зголемен бројот на рабодотавци кои се охрабриле и воопшто да не го исплатат регресот за годишен одмор, а имаат и пријави од работници и во компании кои се членови на синдикатите.

– Имаме исплатено износ од 2.000 денари и тоа го имаме во фирма во Делчево каде што се организирани во синдикат и воопшто не исплатен регрес во фирма во Скопје која, исто така, е со членство во синдикат. Компаниите, за жал, ги користат аномалиите во колективниот договор, а кои со години се провлекува, вели Ампева.

Таа посочи дека и на трудовиот инспекторат му се врзани рацете, зашто тие можат да реагираат само онаму каде што  на работниците по овој основ не им е уплатен ниту денар.

– Таму се дава решение од страна на Државен трудов инспекторат. Обично тоа се рокови од 8 до 15 дена, па подоцна доколку работодавачот не го исплати регресот за годишен одмор во никаква сума, следуваат казни и сличнододаде Ампева.

Таа потенцира дека овој проблем се провлекува со години наназад, а работодавачите ја користат аномалијата од колективниот договор, која им овозможува минимална исплата и од 100 денари доколку фирмата работела со загуба.

– Моментално загубата во нашата држава е манипулација. Ние имаме работодавачи кои што во месец декември си купуваат, си го обновуваат сопствениот или личен возен парк и тоа го пријавуваат како загуба или како инвестиција. Не е загуба и не е инвестиција, ако си се подновите со ново „Бентли” или нов „Туарег” или не знам што, вели Ампева.

Таа забележа дека исплатата на К-15 мора да биде јасно прецизирана во новиот Закон за работни односи и да не се прави дискриминација меѓу приватен и јавен сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот