Газдите „не слушнале“ за минат труд и за работа на празник

Во однос на кршењата на правата во однос на додатоците за плата, во Државниот инспекторат за труд велат дека најмногу претставки имаат за минат труд, за работа на празник и за прекувремена работа.

Минатата година Државниот инспекторат за труд донел 1.088 решенија за прекршоци во однос на платите и додатоците на плати што им следувале на работниците.

Но, како што велат во Сојузот на синдикати на Македонија, ситуацијата со исплатата на плати е многу полоша од она што го покажуваат бројките. Многу работници не се осмелуваат да се пожалат, а менаџерите наоѓаат начин лажно да ја претстават состојбата во врска со работните часови и работата за време на празници и на тој начин да исплатат помала плата.

– Одредбите на Општиот колективен договор за стопанството се јасни – постои основна плата и додатоци: додаток за прекувремена работа, за работа ноќе, за работа во три смени, за работа на ден на неделен одмор, за работа во денови на празници и за прекувремена работа и за минат труд. Додатокот за минат труд е 0,5 отсто за секоја измината година, без оглед каде е помината, кај еден или кај друг газда, платата секоја година треба да се зголемува. За ова право многу работници и не знаат дека постои – вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.

Според Општиот колективен договор за прекувремена работа и за работа ноќе, за секој час дополнително се плаќаат 35 проценти, за работа во смени следуваат дополнителни 5 проценти, за работа на денот што следува во неделата за одмор дополнително се плаќаат по 50 отсто, а за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот треба дополнително да добие една и пол дневница.

Во однос на кршењата на правата во однос на додатоците за плата, во Државниот инспекторат за труд велат дека најмногу поплаки имаат за минат труд, за работа на празник и за прекувремена работа.

– Ние проведуваме редовни контроли, или пак, одиме на повик по претставка на работници. При контролите ги бараме исплатните листи и контролираме дали има исплатени додатоци. Секој работодавач е должен на секој работник, секој месец, во затворен плик да му достави листа за плата – вели Злате Стојановски од Државниот инспекторат за труд.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров вели дека утврдени додатоци треба да ги почитуваат сите работодавачи во приватниот сектор.

– Нашата забелешка е во однос на дневницата за работа на празници и неработни денови утврдени со закон. Во многу случаи работниот процес, или роковите за исполнување на договорот, бараат работниците да работат на овие денови. Тогаш, според Колективниот договор, работодавачот покрај дневницата што би ја исплатил и доколку тие не би оделе на работа, како платен неработен ден, дополнително треба да им исплати уште една дневница зголемена за 50 отсто. Значи, ако на еден работник дневницата му е 1.000 денари, тој ако не оди на работа ќе си добие 1.000 денари, а ако оди на работа ќе добие 2.500 денари. Сметаме дека е фер зголемување од некои 70 проценти на основната дневница – вели Димитров.

Димитров вели дека е познато оти не сите работодавачи исплатуваат додатоци на плата.

– Казната за неисплатени додатоци на плата е 3.000 евра. Но, ако секој работник поединечно го тужи работодавачот, тогаш тој би имал многу поголеми трошоци – вели Димитров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот