Ганиу: Во Старата чаршија се менуваат травертински плочи, а не калдрма

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Според Ганиу, проектот за санација и зачувување на автентичноста на Старата скопска чаршија предвидува поставување камен од ист материјал како и претходниот, травертин на површина од 1800 метри квадратни, но исто така, со него ќе се реставрираат и 75 дуќани во чаршија

Реализацијата на проектот „Промоција на туризмот во Старата скопска чаршија“, започнат уште во декември минатата година, деновиве предизвика лавина реакции по некои медиуми и кај некои граѓани, кои обвинија дека се уништува и обезличува најавтентичното богатство на Скопје.

Фотографии од раскопани улици во Чаршијата се прикажуваа по социјалните мрежи, предизвикувајќи жестоки коментари. Се огласи и ДОМ, која побара надлежните институции, Управата за заштита на културното наследство, Конзерваторски центар-Скопје и Општина Чаир детално да ја информираат јавноста за проектот.

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

– Дали промената на калдрмата и витрините е според законските прописи и правила за заштита на културно наследство и дали се планира автентична реконструкција според историски извори?-прашаа од ДОМ и побараа градежните активности во Чаршијата веднаш да запрат, а средствата да се пренаменат за справување со здравствените и социо-економските последици од пандемијата.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, повторно објасни што се случува моментално на овој простор и негираше дека се користи состојбата со коронавирусот за да се извади каменот од улиците. Тој нагласи дека проектот опфаќа замена на оштетениот травертин, за што Општината има дозвола од сите надлежни институции и од Управата за заштита на културно наследство, која врши надзор над целиот овој работен процес, а дека сега  активностите се интензивирани, за да се искористи перидодот додека локалите не работат.

– Сите камења, кои сега ги вадиме, ги складираме во магацин, не ги продаваме,  и во наредниот период ќе ги употребиме на улицата „Самарџиска“ – рече Ганиу и додаде дека на оваа улица се заменуваат оштетените плочи поставени во 70-тите години на минатиот век, а не калдрма стара 500 години како што се тврди по некои медиуми.

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Спред Ганиу, проектот за санација и зачувување на автентичноста на Старата скопска чаршија предвидува поставување камен од ист материјал како и претходниот, травертин на површина од 1800 метри квадратни, но исто така, со него ќе се реставрираат и 75 дуќани во чаршија, во кои во минатото биле извршени неадекватни измени од сопствениците и е деградирано културното наследство. Ќе се постават и натписи и тенди, целосна сигнализација, патокази за културните споменици, ќе се постави и нова атмосферска канализација, а сите инсталации ќе се сместат под земја.

Ганиу објасни дека еснафот во Чаршијата го подржува проектот затоа што со него ќе се подобрат нивните услови за работа, а истовремено ќе се зачува автентичноста на Старата чаршија.

Проектот „Промоција на туризмот во Старата скопска чаршија“ е финансиран со грант од Светската банка во износ од околу 600 илјади евра.

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети
Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот