ГАЛЕРИЈА: „Ван Гог“, музика и збор

Историјата на човештвото нѐ научи дека човекот (homo erectus), во зачетоците на меѓусебната комуникацијата, најпрвo почнал да произведува звуци, за подоцна да измисли зборови и да започне со својот цивилизациски прогрес. Една од придобивките на човековата културна цивилизација, каде што звукот и зборовите се обединуваат, е и рокенролот како феномен на 20 век, а гледаме дека тој феномен трае и до денес, во сите свои форми и со несмалена жестина. Зошто – е повеќе од бесмислено прашање. Со одговорите би се напишала уште една Енциклопедија Британика.

Во периодот кога во бившата ни држава накратко престанаа да се употребуваат зборови и тонови со позитивно значење, туку настапија заканувачките воени труби, деструктивните повици и фрази, навестувајќи едно големо зло, група млади луѓе од Белград, во тоа време донесоа одлука да живеат од рокенрол.

Многумина од нивната блиска околина таа одлука ја коментираа дека со тогашниот животен став на столбот на бендот Звонимир Ѓукиќ – Ѓуле и Србољуб Срба Радивојевиќ, тие се поблиску до институција за ментални болести, отколку до сцената и публиката и до реалниот живот.
Но тие, сепак, решија да го загризаат животот на свој начин, следејќи ги своите идеали до крај, што е за голема почит. Таквиот нивен став сепак не е случаен, ниту нелогичен; кога во соседство го имате Милан Младеновиќ – легендарниот музичар, автор и лидер на култниот рокенрол-состав „Екатерина Велика“, кога другарувате со него и кога се будите и заспивате со звуците на дисторзија од електрична гитара, а додека постариот брат на Ѓуле, Љуба Ѓукиќ, е клавијатурист на „Електрични оргазам“, не е ни толку чуден изборот на животниот пат и професија.

Тој музички пат, подолг од 35 години на балканската рокенрол-сцена, белградскиот (веќе) култен состав „Ван Гог“ го живее и денес, со несмалена жестина и искреност во изразот. Од минатото до денес, во ниту еден случај не се обидоа да ѝ се додворуваат на публиката со „лесни ноти“ ниту да го менуваат својот веќе одамна зацртан мејнстрим рокенрол правец. Едноставно, тие останаа автентични. За тоа сведочи нивната музика и животен став.

Земајќи предвид дека Ѓуле и Срба се израснати во семејства каде што традицијата заземала високо место во семејниот систем на вредности, првите инструменти на Ѓукиќ и на Радивојевиќ биле виолина и хармоника. Врската со традиционалниот семеен наратив е на око видлива и присутна во нивната песна „Коло — Лудо луда“, со користење текст и мотиви од Вук Караџиќ, но музиката е нешто друго. Совршен спој на традиционалното и модерното. А како да биде поинаку кога на бенд-лидерот Ѓуле, Леми Килмистер од британскиот „Моторхед“ му е еден од музичките идоли. Затоа, неминовно Вук Караџиќ прозвучи низ дисторзија и ќемане.

Со неодамнешното гостување во Скопје, на 25 јуни годинава, а во рамките на скопскиот „Сансет фестивал“, бендот ни ја донесе својата препознатлива насмевка, оптимизмот, креативноста, енергијата и својот Raison d’être кој би можел да се сублимира со нивната животна и музичка девиза „Ако застанеме, губиме сѐ“. И навистина е така. Тие се постојано во движење и творење и секојпат звучат свежо, ново, иновативно… И секогаш патуваат и доаѓаат во проширен состав. Едно е она што публиката ќе го види на сцена – фуриозното, насмеано, виртуозно трио – Ѓуле, Срба и Гага, а друго е не така видливиот, но еднакво важниот неизоставен состав на професионалци на „Ван Гог“ зад сцената, што го сочинуваат техничари, тон и светло мајстори, одговорните за сцената, менаџерот и ПР на бендот итн.

Сѐ на сѐ, сериозна екипа од минимум 10-15 луѓе, во зависност од „задачата на сцена“. Тоа е семејството „Ван Гог“, чиј производ имавме можност да го видиме деновиве во Скопје. Ѓуле за време на настапот напомна дека ова е прва изведба на нивните композиции со акустични инструменти, како што самиот вели „на дрва“, иако на сцената делуваа како музиката да не ја произведуваат тројца музичари, туку триесет и тројца. За тоа е заслужен нивниот трет старо-нов член Драган Гага Ивановиќ, басист и пијанист, кој со своето познавање на електронската музика, употребата на разноразните loop-ови и ефекти, го збогати звукот на бендот и ѝ даде нова димензија на нивната музика. Флуидно и импресивно.

Фото: Драган Каракас

Каде и да одат, на каков било концертен простор да настапуваат, тие звучат како да се емитира снимена музика, а свират со страст и енергија како да им е последен настап во животот, без калкулации. Тоа говори за нивната професионалност и голема почит кон публиката. Кога сме на темата „почит“, не е на одмет да се спомене дека токму нивната песна хит „Анѓеле, мој брате“ е посветена на нашата прерано згасната музичка ѕвезда Тоше Проески. Таа песна на нивниот петочен концерт во Скопје, бендот ја започна на чист македонски јазик, како почит кон Тоше и Македонија.

Фото: Маргарита Јовановиќ

По поминати 35 успешни години во студио и на концертните подиуми ширум просторите на регионот, „Ван Гог“ прераснаа во култна рокенрол-институција. Не постои човек во регионот на екс-ЈУ кој не знае или не препознава барем некоја од нивните песни. Тоа говори многу. Во Скопје на нивниот неодамнешен концерт, таа констатација се повтори по не знам кој пат. Во публиката, меѓу другите присутни, можеа да се забележат и родители што својот подмладок го носеа на рамења и играа и пееја во ритмот на рокенролот, што само по себе докажува дека урбаното ткиво на Македонија сѐ уште дише и дека своето поколение го воспитува во граѓански дух. Важен е квалитетот и неговото препознавање, вистинскиот вкус во секаква смисла. Во тој дух, во една од паузите помеѓу песните, Ѓуле го спомна негативното влијание на реалити програмите врз развојот на генерациите што доаѓаат, со порака да читаат книги и да слушаат квалитетна музика.

Нормалноста на членовите на бендот и отсуство на комплексот на „селебрити“ и овој пат се покажа и докажа, по двата биса, кога на крајот на концертот на „Сити мол“, група млади од публиката гласно започнаа да го извикуваат името на Ѓуле, кој потоа самиот ја тргна оградата и ги пушти групата млади во „забранетиот простор“ зад бината, за потоа, во спонтан разговор и инстант фотосесија со своите следбеници и почитувачи, да ги потроши своите последни сили вечерта, бидејќи својата есенција ја претстави и остави на публиката и на сцената, за спомен до идната средба и видување. Ѓуле на фановите дури им понуди и нешто за освежување, бидејќи вечерта владееше на моменти неподнослива горештина, зголемена за некој степен повеќе со жестоките звуци на „Ван Гог“. За
паметење беше изјавата на едно девојче зад сцената, кое на прашање на Ѓуле од кога ги слуша „Ван Гог“, доби одговор – „целиот мој живот“ (цело 21 лето), што кај останатите присутни, значително повозрасни, предизвика прекрасни емоции и одобрување.

Тоа се „Ван Гог“ од Белград, кои за разлика од оној холандскиот, го сликаат и го слават животот преку музика и зборови, но со еднаква виртуозност и автентичност. Посакуваме и следниот пат кога ќе ја посетат нашата држава, повторно да бидеме дел од нивното музичко платно, кое ќе ни донесе нови емоции и единствени сеќавања.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот