Фронтекс: Најголем број мигранти од 2017 година на рутата од централниот Медитеран кон ЕУ

Авганистанските мигранти во Италија/ Фото EPA-EFE/MASSIMO PERCOSSI

Централниот Медитеран останува најфреквентната рута до Европската Унија со повеќе од 89.000 откриени премини на мигранти во првите седум месеци од 2023 година, што е најголем вкупен број на премини за оваа рута за периодот од 2017 година, соопшти денеска Европската агенција за гранична и крајбрежна стража.

Според прелиминарните податоци во објавениот извештај, во првите седум месеци од годинава бројот на нелегални преминувања на надворешните граници на ЕУ е зголемен за 13 отсто и достигна 176.100, што е највисоко ниво за периодот јануари-јули од 2016 година.

Фронтекс објаснува дека споменатото зголемување е целосно поттикнато од бројот на пристигнувања преку централниот Медитеран, кој останува главната миграциска рута кон Европската унија и претставува повеќе од половина од сите откриени на границите на ЕУ.

Бројот на нелегални премини на оваа траса е повеќе од двојно зголемен, односно зголемен за 115 отсто.

„Зголемениот миграциски притисок на оваа рута би можел да продолжи во наредните месеци, при што шверцерите ќе нудат пониски цени за мигрантите кои заминуваат од Либија и Тунис, главно поради жестоката конкуренција меѓу криминалните групи“, се наведува во извештајот.

Истовремено, во текот на 2023 година беше намален бројот на влезови во ЕУ на другите миграциски рути.

„Пристигнувањата на сите други миграциски рути забележаа намалување во споредба со претходната година, од два отсто на западниот медитеран до 29 отсто на источниот медитерански пат“, велат од Фронтекс.

Речиси 42.700 нелегални премини на надворешните граници на ЕУ беа откриени во јули, што е зголемување од 19 отсто во однос на претходната година и најголем број од март 2016 година.

Фронтекс забележува дека морските премини се сè уште исклучително опасни, а според податоците на ИОМ (Меѓународна организација за миграција), само во јули во Средоземното Море исчезнале повеќе од 2.060 луѓе, од кои повеќето на централната медитеранска рута.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот