Фред Астер: Најелегантниот човек кој го освои Холивуд во 20 век

Фото: Collection Christophel / AFP/ Profimedia

Силата што Фред Астер постојано ја црпел од неговата имагинација, ја надмина реалноста и го направи еден од најголемите танчери на 20 век.

Фредерик Аустерлиц, познат како Фред Астер, роден на 10 мај 1899 година, прозборел дури на пет години, а заедно со неговата постара сестра Адел, идниот виртуоз настапувал до нејзината свадба во 1932 година. Иако класичната убавина не била нивен адут, Фред и Адел биле еден од најхармоничните парови за своето време. Комплицираните кореографии и физички напорните чекори ги претворале во грациозност и елеганција, а напорните тренинзи ги прикривале со насмевка. Иако, во 1917 година, настапиле на Бродвеј, Фред сакал да се испроба на големото платно.

Фото: Wikimedia/ Fred Astaire and Adel

Првиот обид бил неуспешен, бидејќи добил лоши критики за неговото пеење, глумење, па дури и танцување. Но, тоа не го отргнало од неговата цел и продолжил да се труди. Фред се пријавил за помала улога, да соработува во филмот „Flying Down to Rio“ со Џинџер Роџерс, партнерката со која подоцна глумел во неколку филмови, меѓу кои „The Gay Divorcee“ и „Let’s Dance“. Покрај Џинџер, тој соработувал со уште многу холивудски убавици како Џуди Гарланд, Рита Хејворт, Одри Хепберн.

Како што улогите се намалувале, Фред продолжил да ги задоволува своите уметнички апетити на телевизија. Пожртвуваноста, иновативноста, напорната работа и талентот ги крунисал во 1981 година, па „Американскиот филмски институт“ му доделил награда за животно дело.

Освен како одличен танчер и актер, Фред Астер остана запаметен и како човек со неверојатно чувство за стил. Тој беше стилска икона, дури и во поодминатите години. Секогаш препознатлив по шапките, белата вратоврска и „пингвин“ сакоа, кои ги носеше без задоволство. Најмногу уживаше во лелеави одела и спортски јакни, кошули во разни бои.

Фото: Wikimedia/ Fred Astaire

Неговиот живот никогаш не се преточи во филм, што е реткост денес, кога се работи за великан од неговиот калибар. Никогаш не се согласил на такво нешто, иако му биле понудени многупати големи суми на пари. Врвниот танчер, почина на 22 јуни 1987 година во Калифорнија и зад себе ја остави идејата дека може да се помине секој тежок пат, само ако не се тргне погледот од целта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот