ФОТО | Вистинско уживање! Се кандисавме за Охрид, бендисавме и топло препорачуваме: Кај Маја и Душица на домашни специјалитети од кои ќе ви се отворат сите чакри

Охриѓанките Маја и Душица се пријателки со исти пасии и заеднички бизнис. Од деца се знаат, пораснале речиси во исто маало, учеле во исто основно училиште, а потоа, секоја си тргнала по својот пат сè до пред неколку години кога повторно се сретнaле на една од охридските плажи. И тогаш, во еден здив старите пријателки си изнараскажале сè што пропуштиле една за друга. Едната живеела и работела во Скопје, другата привремено престојувала во Охрид.

Фото: Приватна архива

Го обновиле пријателството, а нивната следна средба била пресудна – одлучиле да почнат да работат заедно, а што, сè уште не знаеле. Набрзо го создале „Трек ми“ (Trekk me) и како пасионирани рекреативки и љубителки на планина, спонтано се родила идејата за бизнис – пешачки рекреативни тури во рамките на националниот парк Галичица. Отпечатиле флаери и првите гости им дошле од Шведска, следувале и првите заработени пари, момент кој, велат, никогаш нема да го заборават.

Фото: Приватна архива

Па, нови тури со странски туристи… но, започнала коронакризата поради која значително се намалил бројот на гости од странство, а со тоа и интензитетот на работа на Маја и Душица. Ама тука не завршува нивната деловна приказна. И двете се пронашле во мајсториите во кујна и домашното производство.

Фото: Приватна архива

Вашето производство на мармалади, подоцна и сушени охридски домати, за кратко време стана познато. Што сè произведувате и во што е тајната на успешните рецепти?

– Малку по малку, со навистина челична волја, огромна љубов и голем труд, станавме препознатливи со нашите оригинални производи. Моменталниот асортиман е прилично широк. Произведуваме мармалад од портокал, лимон, портокал и црвен цитрон, кандирана кора од портокал и цитрон, слатко од кора од портокал, слатко од кора од цитрон, и сезонски – сушени охридски домати во маслиново масло. А, тајната на успешните рецепти, доколку ја откриеме, повеќе нема да биде тајна. Се разбира, клучни се љубовта и максималната посветеноста на работата.

Фото: Приватна архива

Што претставува „Тавола бјанка“ (бела маса), каде се наоѓа и што нуди, дали идејата е да прерасне во ресторан?

Фото: Приватна архива

– „Тавола бјанка“ претставува уникатен, иновативен концепт кој подразбира уживање во приватен амбиент „на отворено“, со дегустација на домашно подготвена храна, микс на македонска и италијанска кујна, и вино.

Фото: Приватна архива

„Белата Маса“ се наоѓа во дворот на нашата куќа стара околу 70-на години со фасцинантен поглед кон црквата „Св. Богородица Перивлепта“ и Охридско Езеро.

Засега, идејата е да го задржиме овој концепт, една маса и ограничен број на гости.

Фото: Приватна архива

Што задолжително мора да дегустираме во „Тавола Бјанка“?

– Со оглед на тоа дека однапред се договараат менијата, гостите точно знаат кои сè јадења ќе ги дегустираат, почнувајќи од домашна фокача, даски со италијанска пршута и три видови сирење во комбинација со нашите цитрусни мармалади, модар домат подготвен според оригинален рецепт од Сардинија, црвен домат „ал форно“ (од фурна, н.з), паста равиоли со путер и жалфија и секако десерт.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Тешко ли е да се биде жена менаџерка во машкиот бизнис-свет?

– Бизнис-светот полека добива нова димензија, сè повеќе жени, и тоа како, успешно водат сопствени мали и големи бизниси. Имајќи предвид дека моментално ние две сме и производители и менаџерки, со сè она што подразбираат и двата поима, ни би рекле дека е тешко, меѓутоа на моменти напорно и предизвикувачки.

Фото: Приватна архива

Кои се вашите следни идеи и планови, можеби веќе уште за ова лето? 

– Имаме многу идеи и планови, долгорочно, кои се однесуваат на зголемување на капацитетот на производството и секако неминовното проширување на тимот поради сè поголемата побарувачка на нашите производи.

Фото: Приватна архива
Производите ги подготвуваме во нашата работилница која се наоѓа во близина на Античкиот театар во Охрид, а пласманот засега ја покрива територијата на нашата држава со најголем број потрошувачи од Скопје, Битола и Охрид. /  Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот