ФОТО | „Не знаев дека така болело“: Кристина Арнаудова се присети на породувањето со синот Матео, кој денеска полни 7 години

Фото: Инстаграм/Кристина Арнаудова

Македонската пејачка Кристина Арнаудова и нејзиниот сопруг, ракометарот Александар Петровски се во среќен брак од 2006 година. Тие се родители на 12-годишниот Максим и помалиот син Матео, кој денес полни седум години.

По повод седмиот роденден на Матео, пејачката се присети на породувањето со него и објави стара фотографија од болница.

„26 јануари, 2016, легнав да спијам. Имав закажано царски рез на 27 јануари, утрото. Ама нешто почна интензивно да се движи. Станав, се прошетав, велам ќе помине. Пак легнав. Пак нешто чудно почна да се случува. Контракции. Океј, си велам: „Од контракција до породување има време“.

Смирено станав, му соопштив на маж ми дека изгледа решил дечкото да излезе. Ѝ се јавив на Бица, другарка ми, која живееше до мене во другата зграда, да дојде да го чува Максим, за да заминеме во болница.

Во меѓувреме, почна многу често да се јавуваат контракции. Си велам: „Имам време, океј е, не е можно толку бргу да се случи“. Смирена си влегов да се туширам, оп и водењакот пукна. Докторката на телефон ми вели: „Јас тргнувам и ти брзај“. Си велам: „Што паничи женава? Океј е, ќе стигнеме“.

Се облеков, Бица стигна, влегов во лифт и тука сфатив дека веќе не можам да одам од болка. Седнав во кола, си земав некоја шминка, ставив сјајче на устата и малку руж, оти срамота да ме види син ми таква првпат.

Во меѓувреме, почна детево да се бори јако. Дури стигнавме до болница, едвај стигнав до соба. Ама нема слободна сала, а женава готова е, вели сестрата. Тука веќе не ми беше до шминкање, само врескав. На секоја минута. Не знаев дека така болело. Сестрата вели дека кога бргу се отвараш – многу боли. Ѝ велам: „Знам, сфатив“.

Пред мене стои маж ми и пробува да е хумористичен како секогаш. Ми вели „Диши, вака (покажува како ), како во филмовите“, а јас му се дерам „Море марш, ти ќе ми кажеш“. Па, и ме слика.

Уште нема слободна сала. Лекарите уште се на пат да стигнат. Детево само што не излегло. Сè тоа за 40 минути. Стигнуваат лекарите. Едвај стигнуваме до празна сала. Јас на секои два чекори застанувам бидејќи имам контракции на секои 30 секунди. Се собираат лекарите. Маж ми малку пребледен ме испраќа. Му велам: „Смири се, сè ќе биде добро“ (нормално дека јас него го смирувам, којзнае колку му било тешко на човекот).

Матео се роди во 3.40 часот, на 26 јануари. Така си реши.

Лекарите беа закон. Д-р Елена Петрова, што ме породи со двете деца, без неа не сакав да се породам. Ја поздравувам!

И, ете, седум години од сè ова, од оваа слика, Матео полни седум години! Најмилото бебе, сестрите велеа и најмирното. Среќен 7. роденден Матео! Те сакаме! Љубов си!“, пишува Арнаудова во објавата.

Повеќе на темата:

Што прави денеска – Кристина Арнаудова, пејачка и хуманитарка

Кристина Арнаудова, жена која никогаш не се откажува: „Секогаш кога ќе речам не можам повеќе, се будам со нов елан и повторно пробувам!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот