ФОТО: Бункерите во Албанија сведочат за минатото, се бараат алтернативни решенија за користење

Остатоци од комунистичкото минато на Албанија/Дерми/Фото: EPA/ARMANDO BABANI

Последниве две години особено, Албанија бележи рекорден раст по бројот на странски туристи кои го посетуваат нејзиото јадранско и јонско крабрежје. Освен убавите песочни плажи, евтината храна и сместување, туристите се фасцинирани и од историската заоставштина од времето на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа кој албанското население со децении го држеше во страв и изолирано од соседите, под постојана пресија дека ќе биде нападнато и мора да се брани. Како неми споменици на повоеното минато на Албанија останаа илјадниците бункери, расеани по пограничните, крабрежните и ридските пејсажи на оваа соседна земја.

Постоењето на бункери не е новообичаено и низ историјата и во сегашноста ги има и во САД, Австралија и на други места.

Бункерите се одбранбени воени утврдувања дизајнирани да ги заштитат луѓето и материјалите од гранатирање, артилериски оган или други напади. Тие се речиси секогаш под земја или полу-подземни и главно се користеле во двете светски војни и Студената војна. Германците го користеле терминот Бункер и тој е преземен за користење и во другите јазици.

Всушност и крајот на Хитлер односно неговата смрт е врзана за бункер. Имено, англискиот историчар Хју Тревор-Ропер во 1947 година во својата книга „Последните денови на Хитлер“ го опиша подземниот комплекс на Хитлер во близина на Канцеларијата на Рајхот како „сопствениот бункер на Хитлер“, користејќи го зборот бункер без наводници. Постои заблуда дека бункери постоеле само во воени конфликтни области, но тоа не е случај зошто многу подземни скривалишта и бункери се градени и по Втората светска војна, во мирнодопски услови.

Албанија лидер по бункери

Но дефинитивно Албанија е земја лидер по бројот на бункери. Изградени се во периодот од 1967 до 1986 година, кога со соседната држава владееше Енвер Хоџа под изговор дека го штити населението на Албанија од можни напади на непријатели (постоечки и непостоечки). Но во реалноста тоа беше демонстрација на воената моќ на Хоџа, до внатрешноста на земјата.

Бункери на плажата во Дерми, Фото: EPA/ARMANDO BABANI

Според грчкиот автор Ставрос Цимас, кој многупати ја посетувал Албанија, забележал во својата книга „Во соѕвездието на национализмот“ од 2010 година дека Хоџа изградил 75.000 бункери – митралески гнезда.

Според други извори, максимум, имало 400.000 и овие бункери ја следеле граничната линија на земјата во три периметарски зони. Секој град, во зависност од неговата големина, имал свои кругови, како и секој премин или премин.

Бункерите се разновидни, во зависност од оружјето што го чувале, а се протегале од крајбрежјето до падините и планинските врвови. „Секој од нив чинеше колку стан, во време кога албанското општество се соочувало со акутен станбен проблем“, тврдат извори.

Ако се земат во предвид податоците од Википедија тогаш во Албанија има 750.000 бункери, но оваа бројка е нереална.

Импресивен факт е и дека бункери постојат на најневеројатните места: на патишта, плажи, на тревниците на предградијата на хотелите, дури и на гробишта! Меѓутоа, ако е точно она што е напишано на Википедија, дека имало 5,7 бункери на квадратен километар, вкупниот број на бункери во Албанија, која има површина од 28.748 квадратни километри, бил околу 164.000.

Различни типови на бункери

Познавачите на оваа проблематика се чудат и на изработката и на користењето на материјали за бункерите и како тие се транспортирале на тешко достапни места. Бункерите биле направени од бетон, челик и железо и нивните големини биле различни. Има бункери за неколку луѓе, до големи засолништа од нуклеарни бомби наменети за употреба од раководството на Албанската комунистичка партија и високите функционери. Тие биле обично полу-подземни и имале отвори за употреба на оружје. Зимно време биле поплавувани, а лете полни со ѓубре.

Бункери во Кукс кои ги користеа бегалци од Косово во 1999 година/Фото: (ELECTRONIC IMAGE) EPA-PHOTO/EPA/ANJA NIEDRINGHAUS/STF/nie/so/ow

Изградбата на бункерите е направена со „програмата“ за „бункеризација“ на Хоџа, но реално никогаш не биле користени. Се состојат од три главни елементи: хемисферична бетонска купола со дијаметар од 3 метри со дупки за употреба на оружје, шуплив цилиндар за поддршка на куполата и надворешен ѕид со радиус од 60 см.

Интересно е што тоа биле готови производи, направени на друго место, а потоа транспортирани со моторни возила до нивните крајни локации. Во секој случај за кревката и изолирана економија на сиромашната земја нивната градба била дополнителен удар зошто според некои проценки изградбата на еден бункер чинела колку изградба на еден двособен стан, а 10 мали бункери колку километар пат. Во годините кога се граделе околу 70 до 100 луѓе гинеле при изградбата, а поради изборот на локациите, било загрозувано земјоделско земјите.

Целото планирање на бункерите беше дел од психозата на Енвер Хоџа дека сите ја гледаат Албанија и сакаат да ја нападнат. Неговата политика се смета како амалгам на тврдокорниот сталинизам, со елементи на маоизмот.

Подемот и пензионирањето на Енвер Хоџа

Енвер Хоџа беше албански политичар и лидер на Албанија од крајот на Втората светска војна до неговата смрт во 1985 година, како прв секретар на Албанската Работничка партија. Тој беше претседател на Демократскиот фронт на Албанија и шеф на албанските вооружени сили од 1944 година до неговата смрт.

Албанија од 1945 до 1948 година имала блиски односи со Тито и Југославија, до исклучувањето на Југославија од Инфорбирото, по што Албанија се зближува со СССР и го потпиша Варшавскиот пакт во 1955 година. Во 1947 година Енвер Хоџа му дозволи на СССР да создаде поморска база во Валонскиот залив што предизвика вознемиреност кај Западот, особено кај Италија, која чувствуваше директна опасност во случај на конфликт Исток – Запад со советското присуство во Медитеранот. Тогаш се појавуваат и првите обиди за симнување на Хоџа од власт во Албанија.

Во периодот помеѓу 1947-1953 година, американските, британските и грчките тајни служби изготвиле план кој предвидувал обука на албанските бунтовници во камповите во Малта и Лаврио, а потоа нивно фрлање со падобран во Албанија за да се поттикне населението против Хоџа. Операцијата пропаднала бидејќи двојниот агент Ким Филби му ги предал нивните планови на Сталин, кој потоа го известил Хоџа. Според други извори дојавата за планот за соборување на Хоџа тој ја добил од Ватикан.

Во 1960 година, Хоџа ја осуди политиката на десталинизација на Никита Хрушчов и во декември 1965 година ги прекина сите односи со поранешниот СССР. Тирана посегна до маоистичката Кина, осудувајќи го „советскиот ревизионизам“. Во 1967 Хоџа ја прогласи нацијата за прва и единствена официјално атеистичка земја во историјата. Делумно инспириран од Кинеската културна револуција, тој конфискуваше џамии, цркви, манастири и други верски објекти (Албанците главно беа муслимани и католици). Некои од зградите беа уништени, а други беа претворени во работилници, магацини, штали или културни институции, како кина. Беше забрането да се даваат религиозни имиња на децата, а секој што ќе биде фатен со Куран, Библија, икона или сличен верски предмет можеше да биде затворен.

Албанска војска покрај бункерите на албанско – југословенската граница /Фото: EPA/SRDJAN SUKI

Во септември 1968 година Албанија се повлече од Варшавскиот пакт и ги осуди и советската интервенција во Чехословачка и „Прашката пролет“.

Во 1975 година Албанија беше единствената земја која отсуствуваше на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) во Хелсинки. Во 1976 година, Хоџа почна да се дистанцира и од Кина, со која дојде до дефинитивен прекин во јули 1978 година. Така, тој стана единствената земја во историјата на 20 век што се најде во апсолутна состојба на изолација.

Во декември 1981 година беше објавено самоубиството на премиерот Мехмет Шеху, кого Хоџа подоцна го обвини дека е „странски разузнавач“. На 11 април 1985 година, Енвер Хоџа почина на 76-годишна возраст и беше наследен од неговиот омилен соработник Рамиз Али кој водел поотворена политика и Албанија во 1990 година го напушти еднопартискиот систем.

Во 1991 година беше избран за претседател на Албанија на првите слободни избори во албанската историја. На 3 април 1992 година поднесе оставка од функцијата и на 9 април 1992 година албанскиот парламент го избра за претседател на државата Сали Бериша, кој денес на 79 години е лидер на Демократската партија на Албанија.

Проверка на бункерите со пукање

Хоџа додека се граделе бункерите сакал да се увери во нивната безбедност и ефикасност, па се правеле разни тестови на издржливост. Имено, во една прилика била ставена коза во бункер, по што врз него било интензивно пукано со различни оружја. Козата е пронајдена мртва внатре.

-Тогаш министерот за одбрана на Албанија му нареди на иницијаторот и дизајнерот на бункерите, кој бил началник на армијата, самиот да го заземе местото на животното!. Преплашениот началникот послушал. Бункерот бил бомбардиран од Артилерија со гранати од голем калибар, но останал неповреден. Генералот излезе од бункерот со модринки, но жив. Режимот на Хоџа, се разбира, го објави инцидентот за да го зајакне чувството на безбедност кај албанскиот народ, пишува Ставрос Цимас.

Бункерите главно функционирале како механизам на терор и политичка манипулација на граѓаните, а тоа беило можеби најважното нешто за системот на власт на Хоџа. За граѓаните биле одржувани и вежби и обука со оружје.

Припадници на Албанската војска покрај бункери во Морина/Фото: EPA/ANJA NIEDRINGHAUS

-Три пати годишно мажи и жени заземаа позиции со оружје во бункерите, поминувајќи ја задолжителната воена обука. Научија да ракуваат и користат калашникови и базуки, да фрлаат гранати, да прават ноќни патроли и рации, да организираат виртуелна саботажа итн. Дури и во лозјата и другите обработливи површини беа поставени остри железни конструкции кои ќе ги неутрализираа странските падобранци кои ќе паднат, во случај на напад на Албанија, врз нив, наведува Цимас во книгата „За соѕвездието на национализмот“.

Бункерите останаа по падот на режимот

Изгледа чудно, но бункерите, иако никогаш не биле користени во годините на Хоџа и Али, биле „експлоатирани“ во 90-тите во два наврати. Имено, за време на бунтот поради пропаста на низа пирамидални шеми и корупцијата во 1997 година, жителите на Саранда беа затворени во бункери поради борбите меѓу албанската војска и бунтовничката толпа! Исто така, за време на војната во Косово, жителите Албанци од пограничните села со Србија ги користеле бункерите за да се заштитат од српските гранатирања.

Во 2004 година, албанските власти открија заборавено складиште со 16 тони иперит и друго хемиско оружје во бункер на само 40 километри надвор од Тирана. Албанија доби од САД 20 милиони долари за уништување на оружјето. Албанската војска отстрани некои бункери од крајбрежјето на земјата со влечење со модифицирани тенкови тип-59.

Сепак, огромното мнозинство бункери сè уште остануваат на место, особено во тешко достапните области каде што е економски неисплатливо и практично невозможно да се отстранат. Многу од нив беа претворени во бачила, но и во магацини, кафулиња, па дури и селски куќи, особено во крајбрежните области. Едната, на влезот на градот Ѓирокастро, била претворена во православна христијанска капела.

Секако, одвреме-навреме се даваа предлози за други употреби на бункерите, кои сега се претворија во национален симбол на Албанија и спомен на авторитарен режим.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот