Фон дер Лајен денеска во Скопје, а утре во посета доаѓа и еврокомесарот Вархеји

Урсула фон дер Лајен
Урсула фон дер Лајен / Фото: EPA-EFE/YVES HERMAN

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска попладне ќе допатува во посета на Скопје, при што меѓудругото со лидерите на земјава ќе разговара и за спорот со Бугарија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, од Европската Комисија не сакаат да откријат во кој правец ќе се движат разговорите во Скопје, ниту дали ќе има пораки до Бугарија во врска со блокираниот ЕУ-процес за Северна Македонија, а повеќе детали за разговорите ќе бидат соопштени по средбата. Засега единствена порака што ја пренесуваат службите на Фон дер Лајен е дека „ЕУ држи до регионот”.

– Таа (Фон дер Лајен) ќе се сретне со лидерите и ќе разговара за билатералните односи со ЕУ и регионалните прашања, перспективата за преговори за членство на Северна Македонија е дел од пошироката дискусија. Целта на претседателката е да ја потврди нејзината посветеност кон регионот и перспективата за преговори за членство во ЕУ со овие земји кога времето и условите ќе бидат добри и преговорите ќе бидат завршени, рече Дана Спинант, портпаролката на Европската Комисија.

Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата, по што ќе одржат средба на која ќе присуствуваат и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Заев и Фон дер Лајен ќе одржат заедничка прес-конференција во кино Фросина во МКЦ, кој е реновиран со средства од ЕУ.

Подоцна, Фон дер Лајен ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на вечерата што ќе ја приреди шефот на државата во присуство на претседателот на Собранието, Талат Џафери и други високи претставници.

Скопје е втора станица на Фон дер Лајен на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан, чија цел е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. Од 28 до 30 септември таа ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан, почнувајќи од Албанија.

Посетата на регионот на шефицата на ЕК се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето”, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.
Еден ден по Фон дер Лајен, утре во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, информацијата за посетата на Вархеји ја потврдија службите на Европската Комисија.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот