Фирмите во страв ја чекаат есента и се крстат во нови владини мерки

Скопје / Јуни 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Буџетските приходи во јули се зголемени за 1,4 проценти, но стопанствениците тврдат дека во однос на случувањата во стопанството, тие може да дадат лажна слика и велат дека поважни индикатори се падот на индустриското производство, намалувањето на бројот на работници, падот на извозот….

Економијата во јули ги покажа првите знаци на заживување, барем според растот на буџетските приходи, но производителите, како носители на стопанската активност, не се оптимисти и стравуваат дека без нови мерки од државата, тие ќе работат со многу мал капацитет.

Бројките покажуваат дека во државната каса, по повеќемесечни големи негативни остварувања, конечно во јули, приходите се дури и повисоки од оние за ланскиот јули и растот е 1,4 проценти. Притоа, има раст и на наплатата на данокот на додадена вредност, како еден многу важен индикатор за раст на потрошувачката, а и раст на придонесите, што се толкува како добар сигнал во однос на задржувањето на работните места.

Но, бројките кажуваат и дека во јуни (за јули нема уште податоци) има пад на извозот за 7 проценти во однос на ланскиот јуни, а дека увозот се намалил за 3,4 отсто, дека индустриското производство „потонало“ за 15,1 процент и дека бројот на вработените во индустријата е намален за 5,2 проценти. Иако статистиката уште не се изјасни за податоците за јули, работодавачите не очекуваат некакво значително подобрување.

Есенски бран и во економијата

Според претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, бројките за растот на приходите во Буџетот се само еден сегмент, кои во однос на случувањата во стопанството, може да дадат погрешна слика.

– Ситуацијата во стопанството воопшто не е подобрена, а бројките од реализацијата на буџетот може да создадат погрешна слика. Дојдоа гастарбајтерите и ја зголемија потрошувачката и се зголемија приходите. Растот на приходите во Буџетот е резултат на зголемената потрошувачка. Потрошувачката може да се зголеми и со земен кредит, но тој ќе се потроши, а што потоа? Податоците за намалувањето на бројот на работниците, за падот на индустриското производство, за намалениот увоз и извоз, се тие што зборуваат за состојбата во стопанството – објаснува Димитров за „Слободен печат“.

Тој вели дека очекува во септември и во октомври да има нови мерки од државата.

– Лекарите предвидуваат нов бран на вирусот, а нашите коминтенти во странство прават проценки за тешки месеци што доаѓаат. Очекувам новата влада, веднаш по конституирањето, да излезе со нови мерки за стопанството – вели Димитров.

И главниот советник за економски прашања при Стопанската комора на Македонија, Зоран Јовановски, преку својот фејсбук-профил алармираше за влошување на економската состојба во септември, иритиран од однесувањето на голем дел од населението, кое не носи заштитни маски.

„Каде и да се сврти во земјава, човек ќе види многумина без маски и без какви било обѕири за целава ситуација. Некого го мрзи, некој мисли не постои вирусот, некој од чист сеир или инает, секој со своја причина. Тоа е така затоа што кај голем дел од населението си постои генерална безгрижност. Кај администрацијата платите си доаѓаат во цел износ, пензиите исто. Работел, не работел приватниот сектор, за државниот сектор е сѐ исто како и пред короната. Дел од приватниот сектор исплаќа минимални плати само за да не отпушта. Тоа е така затоа што државата на сите страни расфрла пари позајмени од странство. А тие пари ќе завршат. Набрзо, веќе во септември. Тогаш ќе дојде ударот и моментот на вистината. И намалување на платите и сѐ друго“, напиша деновиве Јовановски.

Има пари за плати, пензии и за антикризни мерки

Од Министерството за финансии, пак, се категорични дека има обезбедени пари за да се исплаќаат редовно плати, пензии и обврски кон фирми, а има пари и за антикризни мерки, како и за отплата на кредитите што достасуваат за наплата.

– Обезбедени се ликвидносни средства за да се извршува Буџетот во согласност со планот  до крајот на годината, односно редовно да се исплаќаат платите на вработените, пензиите на пензионерите, социјалната помош, редовно да се извршуваат обврските кон стопанството, обврските кон кредиторите, како и средства за антикризни мерки за помош на економијата и забрзување на ревитализирањето. Во зависност од развојот на настаните има обезбедено и одреден бафер (средства за сигурност) за евентуален втор шок, или за сервисирање отплати што достасуваат во 2021 година – изјавија вчера од Министерството за финансии за „Слободен печат“.

Од почетокот на кризата државата се задолжи со речиси 1 милијарда евра, со што првото полугодие од годинава заврши со вкупен јавен долг од 59,5 проценти од БДП, сосема блиску до алармот од 60 отсто, што се вклучува во економската теорија. Најголемите пари се позајмија преку еврообврзницата – 700 милиони евра, како и преку ММФ – 176,5 милиони евра. Од Министерството за финансии најавуваат нови кредити до крајот на годината од 330 милиони евра.

– Во септември треба да се повлече и првата транша од 80 милиони евра од заемот за макрофинансиска помош од Европската комисија во вкупен износ од 160 милиони евра. На домашен пазар преку државни хартии од вредност, предвидено е повлекување најмногу до 250 милиони евра, според потребите – велат од Министерството.

Оттаму посочуваат и дека до крајот на годината за наплата стигнуваат повеќе од 320 милиони евра, од кои 191,8 милиони евра кон странски кредитори и 132,5 милиони евра кон домашни.

Струјата ќе го дотепа стандардот на граѓаните

Зголемувањето на цената на струјата за 7,4 проценти ја крена јавноста на нозе. Разбирливо, затоа што ова е период кога животниот стандард не може да трпи ниту едно ново „изненадување“.

Агенцијата за вработување го „закочи“ објавувањето на податоци за невработените, па последните ѝ се заклучно со мај, кога на списокот на невработени се евидентирале 205.796 граѓани или 13.859 повеќе невработени во однос на февруари, пред да почне кризата. Но, овој број евидентно е поголем, не само поради отпуштањата во јуни и во јули, туку и поради една голема бројка невработени кои не се пријавуваат во Агенцијата, а кои се снаоѓаа во неформалниот сектор – како што е чистења на домаќинства, чување деца или стари лица, а кои сега во новонастанатата ситуација со вирусот, ја загубија работата.

Интересно, но во овој период има раст на просечната плата во однос на истите месеци лани. Последните податоци зборуваат дека мајската просечно исплатена нето-плата е за 4,4 проценти поголема отколку во ланскиот мај. Но, треба да се земе предвид дека платите позначајно се зголемија лани, кон крајот на годината, со растот на минималната плата за 2.000 денари, како и со субвенциите што ги даде државата за износот на зголемената плата.

Од државната каса дадени 140 милиони евра

Вкупната вредност на трите пакети aнтикризни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за надминување на последиците од корона-кризата се проценува на околу 500 милиони евра, а до крајот на јули до граѓаните и фирмите се исплатени околу 140 милиони евра државна помош, од кои: 40 милиони евра кон граѓаните и околу 100 милиони евра кон фирмите.

Останатиот износ од околу 360 милиони евра, што не е исплатен од државната каса, се разни даночни олеснувања, одложувања на обврските на фирмите кон граѓаните, бескаматни кредити, гаранции за кредити и други мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот