Финансиската транспарентност најслаба страна на Собранието

Финансиската транспарентност е најслаб сегмент во спектарот информации што македонското Собрание ги објавува на својата веб-страница, заклучува анализата на отвореноста на Собранието на „Метаморфозис“ спроведена во рамки на проектот „ActionSEE“. Индикаторите за отвореност во поглед на државниот буџет се зголемиле за 11 отсто, но изнесуваат само 38 отсто.

-Собранието има пракса да го објавува предлог буџетот на државата, но не и финално изгласаниот буџет или пак полугодишните извештаи за трошењето на буџетот, ниту завршната сметка- се забележува во анализата, која забележува и на необјавување на Граѓански буџет и линк до интернет страницата на Државната комисија за спречување корупција.

Од собраниската служба потврдуваат дека не објавуваат полугодишни извештаи, но објаснуваат дека е пракса да се подговтуваат годишни извештаи. На страницата на Собранието се објавува планот за јавни набавки, а поединечните набавки можат да се видат на страницата на Бирото за јавни набавки, за што постои линк на собраниската страница.

Отвореноста во пристапот до информации се зголемила од 61 на 65 отсто, но аналитичарите, меѓу другото, забележуваат дека на интернет-страницата на Собранието не е посочено лице одговорно за пристап до информации од јавен карактер, ниту е ажурирана и објавена листата на информации од јавен карактер.

-Иницијативата за Отворено владино партнерство – Отворено собрание предвидува изработка на нова веб страница за надминување на овие состојби, но во овој процес од особено значење ќе биде успешното пренесување на историјата на веќе објавени информации на постојната веб страница- се наведува во анализата

Недоволно споделени со јавноста се и содржините од работата на Собранието, документите од законодавниот процес, информациите за гласањето на пратенците…

Индикаторите за интеракција на Собранието со граѓаните бележат пад од 64 отсто на 47 отсто во последната година.

-Собранието покажува свесност за слабата интеракција со јавноста, недоволното пренесување на информации во јавноста за секојдневното работење на институцијата и недоволна присутност на социјалните мрежи. Собранието располага со можност за испраќање електронска пошта од страна на граѓаните до пратениците и претседателот на Собранието, но и понатаму нема специјален канал за доставување претставки, предлози и канал за е-петиција. Изработката на новата веб страница треба да биде насочена кон олеснување и видливост на каналите за комуникација со граѓаните и да ги поттикнува на нивно учество- е заклучено во анализата.

Во Собранието објаснуваат дека електронската петиција (е-петиција) не постои ниту во македонското, ниту во законодавството во земјите во регионот. Единсствени начини на предлагање на закони, нагласуваат во собраниската служба, е предлог од група пратеници, од Владата или од граѓани со собрани 10.000. За начиите на информирање на граѓаните за работата на Собранието, во парламентот велат дека таа состојба ќе се измени со реформата на собранискиот телевизиски канал, односно кога ќе биде ставено во функција студиото во зградата на македонското Собрание, што е планирано во проект кој се спроведува со Швајцарија и САД.

Според анкета цитирана во анализата, секој втор граѓанин не е запознаен со работата на Собранието, а за работата на пратениците граѓаните најчесто се информираат преку традиционалните медиуми. Само 3 отсто од јавноста се информира преку Собранискиот канал. Ниеден испитаник не одговорил дека се информира преку интернет страницата на Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот