Филозофското друштво на Македонија ќе ја промовира книгата „Манчевски: пет есеи“ во „Лабораториум“

Покана за промоцијата на книгата на Милчо Манчевски

Едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје на 1 февруари ќе биде локацијата во која ќе се одржат два настани, во чијшто фокус е творештвото на едно од најзначајните режисерски имиња и еден од најголемите амбасадори на македонската култура и уметност во светот, Милчо Манчевски.

Во 19 часот ќе биде промовирана публикацијата „Манчевски: пет есеи“ (2023, издание на Филозофското друштво на Македонија), додека во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Бикини Мун“ (2017) и краткометражните филмови „Четврток“ (2013) и „Крајот на времето“ (2017).

Двојазичното издание „Манчевски: пет есеи“ (трета книга во едицијата „Филмософија“) ќе биде промовирано од проф. д-р Ана Димишковска од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, а делови од есеите ќе читаат актерите Никола Ристески и Елена Кузманов.

Книгата се состои од пет есеи (и нивен корелат на англиски јазик), коишто се пишувани во период од 1994 до 2022 година. Автор на предговорот во книгата е проф. д-р Иван Џепароски, додека дизајнот на корицата е на Катерина Тери Николовска.

– Милчо Манчевски, во континуитет, низ целото негово творештво, покрај креирањето филмски дела, преку есеистичкиот формат се запрашува и за нашата длабока потреба од раскажување и споделување приказни, за природата на вистината и за дистинкцијата вистина-прикаска во филмот (играното и документарното), за дијалогот на авторот со уметничкото дело, за насилството во уметноста, за проблемот на претставувањето, т.е. односот уметност-стварност, но и за хуманизмот што лежи во центарот на самата уметност – теми што го предизвикуваат нашиот однос, не само кон уметноста, туку и кон светот, и покажуваат една подлабока потреба на авторот, не само од творење, туку и од постојано бидување во дијалог со својата уметничка практика. И токму овој дијалог, централен и за филозофијата, е она што го ситуира ова дело на пресекот меѓу филозофијата и филмот, меѓу естетиката и уметничката практика, посочувајќи ја неговата важност при секое чинење уметност и размислување за неа – стои во предговорот за публикацијата.

Филозофското друштво на Македонија во едицијата „Филмософија“ досега објави две книги – преводот на македонски јазик на „Замислување на мирот: дијалог за перцепцијата“ на Вим Вендерс и Мери Зурнази, како и Зборник на текстови од Конференцијата „Филозофија и филм“, одржана во рамките на Филозофскиот филмски фестивал во 2021 година.

Како трето издание во оваа едиција излезе збирката есеи на Манчевски од естетички карактер. Во овој период во подготовка се уште две книги: Зборник од втората Конференција, одржана во рамките на фестивалското издание во 2023 година, како и критичкото издание на „Запечатено време“ на Андреј Тарковски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 215, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот