Филмска премиера на „Нешто слатко“ во питка верзија

Тин Водопивец и Сашко Коцев во скопскиот „Синеплекс“

Македонската публика од 6 мај во „Синеплекс“ ќе може да го погледне словенечкиот игран филм „Нешто слатко“ во режија на Тин Водопивец, а во кој главните улоги ги играат македонските актери Јелена Јованова и Сашко Коцев.

Режисерот на словенечкиот филм „Нешто слатко“, Тин Водопивец, и македонскиот актер Сашко Коцев се запознале на стенд-ап настап и сфатиле дека имаат исти размислувања и погледи на светот. Така се појавила идејата Сашко Коцев да игра во филм што ќе го режира Тин Водопивец.

Сценариото го напишале Водопивец и неговата тогашна партнерка Уршка Мајдич, која ја потпишува и музиката што се употребува во филмот, а Коцев добива две улоги, бидејќи истовремено ги игра ликовите на Македонецот Аце Мајсторовски и на Словенецот Гоги.

Филмот го снимаат со микробуџет, што индиректно значи дека работеле без буџет, а повеќе учесници во филмот се потпишуваат како продуценти. Воопшто не сакале да аплицираат за државна поддршка за филмот, бидејќи жанровски станува збор за романтична комедија, за која сите ги убедувале дека нема да добијат никаква поддршка од филмските агенции и фондови.

– Сакавме да направиме филм за првата и последната шанса во животот на човекот, за лажно и погрешно или какво било идеализирање и идеологизирање на луѓето, на некои одредени личности, но и за она што во светот прави и војни, а се вика пи-ар. Пи-арот е наше секојдневие, може да те направи Бог и може да те направи просјак. Сите тие големи работи сакавме да ги ставиме во еден филм, но да го направиме тоа на еден питок начин, да го сместиме во жанрот ром-ком, романтична комедија. Сите ќе кажат дека ова е комерцијален филм, така? Јас велам: Што значи комерцијален филм? Низ годините станал еден термин кој звучи потценувачки. Секој филм треба да биде комерцијален. Публиката ќе дојде, ќе ужива во филмот и после ќе оди на пијачка – објаснува Сашко Коцев.

Сите овие работи беа кажани на проекција на филмот за новинари, што се одржа на 4 мај во киното „Синеплекс“. На проекцијата беа присутни режисерот Тин Водопивец и актерот Сашко Коцев, како и претставници на македонскиот партнер „Процес К продукција“, која ќе работи на дистрибуцијата на филмот.

На средбата со новинарите беа раскажани повеќе анегдоти поврзани со снимањето во време на короната, со „пробивањето на буџетот“, но беа искажани и убави зборови за задоволството и ентузијазмот со кои е направен филмот.

Сашко Коцев откри дека покрај актерската улога и продуцентската функција, бил одговорен и за кастингот, па така во женската главна улога се појавува македонската актерка Јелена Јованова.

Во кратки црти, „Нешто слатко“ е симпатично филмско остварување во кое сите чинители од актерската и филмската екипа го дале својот најискрен придонес во финализирањето на идејата. Приказната е забавна, дејството се следи лесно и со насмевка, карактерите на ликовите се детално оформени, камерата е непретенциозна, а музиката е одлична. Тие час и половина, колку што трае филмот, имаат релаксирачко дејство врз гледачот и го оттргнуваат од сите црни психолошки драми, што во последниов период се случуваат во секојдневието.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 177, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот