Филмологот и продуцент Владимир Ангелов е нов директор на Агенцијата за филм

Владимир Ангелов / Фотографија: Арбнора Мемети

Досегашниот директор на Кинотеката, Владимир Ангелов, е нов директор на Агенцијата за филм. Одлуката беше донесена на седница на Владата што се одржа на 6 февруари. Ангелов седум години беше директор на Кинотеката на Македонија, а на новата функција доаѓа откако му заврши мандатот на претходниот директор на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски.

Ангелов е реномиран филмолог и продуцент. По дипломирањето на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје во 1992 година, кратко време работел како продуцент во „Вардар филм“. Во Кинотеката работи од 1995 година до денес.

Во 2017 година беше назначен за в.д. директор на Кинотеката, а директор стана на крајот на 2018 година. На почетокот на кариерата работи на рекогнисцирање и реставрација на македонскиот филмски фонд снимен во период од 1948 до 1953 година.

Врз основа на елаборатот за заштита на овој фонд, Кинотеката на Македонија ги изработува заштитните филмски копии на овие филмови. Во неговата биографија е наведено дека работи на проекти на аналогна и дигитална реставрација на македонски филмови како активност на Кинотеката.

Од 1997 година соработува со „Кинопис“, списание за историјата, теоријата и културата на филмот и на другите уметности. Член е на македонската секција на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ.

Исто така, соработува со Македонската академија на науките и уметностите на проектот „Фотографијата и филмот на почвата на Македонија“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 217, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот