Истражувањата покажуваат дека над 60% од здравствените работници би се вакцинирале против Ковид 19, изјави министерот за здравство Венко Филипче, во гостување на МТВ.
-Исклучително висок процент на здравствени работници се заинтересирани да ја примат вакцината и тоа е добар сигнал за сите граѓани. Здравствените работници беа на првата линија во борбата и знаат колку е опасен вирусот, доколку тие се вакцинираат тоа ќе влее поголема доверба и кај граѓаните, истакна Филипче.
Министерот додаде дека како и досега, Министерството ќе продолжи да информира транспарентно и точно, со цел граѓаните да добијат правилни информации за важноста од вакцинирањето и безбедноста на овој процес.
-Вакцинирањето е сериозен и проверен процес. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои што досега се развиваа и сите други вакцини. Една вакцина која ќе ја помине процедурата на одобрување од европската и американската агенција за лекови, како на пример вакцината на Фајзер, е со сигурност безбедна вакцина затоа што проверките, критериумите и условите на овие две агенции се многу строги, вели Филипче, додавајќи дека сите вакцини кои ќе пристигнат кај нас ќе бидат целосно безбедни, а граѓаните може да имаат целосна доверба во процесот на вакцинација.
Тој порача дека граѓаните мора да се свесни дека само преку вакцинација може да се искорени и победи болеста и тоа е единственото сигурно оружје против Ковид 19 вирусот.
Видео на денот