Феномен „интерактивно сонување“: И во најдлабок сон умот има моќ да одговара на прашања

unsplash
Фото: Unsplash

Психолози открија нов феномен на човековиот ум, кој го опишуваат како „интерактивно сонување“ – состојба во која луѓе во длабок сон се во способност да следат инструкции, да даваат одговори на едноставни прашања, па дури и да решаваат лесни математички проблеми.

Состојбата на сон крие многу мистерии на кои психолозите настојуваат да им најдат одговори. Особено интересен за нив е периодот РЕМ, кој се смета за најдлабока фаза на сонот, кога очите вообичаено „играат“ под капаците. Инструменти потврдуваат засилени дејства во мозокот, но за состојбата на умот се уште се добиваат податоци од сведоштва на луѓето. Состојбата во која лицето што сонува би можело директно да одговара на прашања би им овозможило на психолозите да добиваат попрецизни информации за состојбата.

– Откривме дека некои лица во РЕМ фазата од сонот може да комуницираат во реално време. Откривме и дека во фазата на длабок сон останува активен и делот од мозокот што прави пресметки и оперира со податоци од меморијата – објаснува психологот Кен Палер од универзитетот Нортвестерн.

Истражувачкиот тим работел со 36 доброволци во четири лаборатории. Кога доброволците биле во најдлабоката фаза од сонот регистрирана со електроенцефалографи, научниците се обиделе да поттикнат интеракција со нив, преку зборување, светлински сигнали и физички допири. Од доброволците било побарано да одговорат колку светлосни сигнали или допири забележале, како и да одговорат потврдно или одречно на основни прашања. Одговорите биле следени преку движење на очите или на мускулите на лицето. При вкупно 57 сесии на вакви испрашувања, во 47 отсто од случаите доброволците дале барем по еден точен одговор од низата прашања. Резултатите биле приближно идентични во сите четири лаборатории.

По секој точен одговор, доброволците биле разбудени и од нив било побарано да раскажат што сонувале. При некои случаи доброволците одговориле дека прашањата што ги слушнале биле дел од сонот, а при други дека им го нарушиле сонот.

Заклучоците од ова истражување може да им помогне на психолозите подобро да ги разберат феномените на сонување, но и начинот на кој мозокот пристапува до меморијата. Тоа може да придонесе за подобри третмани за нарколепсија или инсомнија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот