Европски самит во Тбилиси: Пандев го поништи грузиското вето

Фото: Ерол Шаќири

Шампионот не признава ништо друго освен победа, освен прво место, не велам дека ние моментално имаме квалитет за таков подвиг но мислам дека треба конечно да почнеме шампионски да се однeсуваме..

“Преговорите“ за наше учество на еден главен европски “самит“ започнати пред 27 години конечно го видоа својот крај. На13 0ктомври 1993 први на „преговарачкиот терен“ излегоа Словенците, за 90 минути на нивната „дипломатска нота“ одговоривме со наши 4 давајќи до знаење дека и ние како и другите бивши југословенски републики имаме капацитет и квалитет за учество на големите европски „самити“.

Тоа беше еден одличен старт на преговорите и битен од два аспекти, прво, јасно посочивме дека кој и да излезе на „преговарачки терен“ со нас треба сериозно „дипломатски“ да се подготви и второ, јакнење на самодовербата и отстранување на скептицизмот кој постоеше кај многумина дека ние всушност не сме наследиле ништо од талентот и капацитетот кој бившата држава го имаше на ова поле. Меѓутоа, долгата и тешка транзиција си го направија своето. Недостатокот од вложувања во капацитети и неодржување на веќе постоечките, корупцијата и криминалите на раководните лица не донесоа на маргините на Европа додека другите републики од бившата држава и земјите од регионот веќе станаа редовни учесници на европските и светски „самити“.

Како одминуваа годините ситуацијата во и околу нашиот „преговарачки тим“ премина од лоша во очајна. Не само што немавме капацитет да „преговараме“ со било кого туку и се изгуби поддршката од домашната јавност. Веќе никој не беше заинтересиран да ги следи настаните ниту пак да присуствува на истите, дури и се изгуби смислата на самото наше учество во овие „преговарачки процеси“ со цел да се избори учество барем на еден голем „самит“. Се обидовме неколку пати и со експерти од надвор, имавме убава можност кога на чело на „преговарачкиот тим“ го назначивме токму Словенецот со име Среќко, но ниту неговото име ниту неговата екпертиза не можеа да помогнат да се консолидираме. Можеби можеше Словенецот за неколку години да не донесе на едно ниво погоре меѓутоа политиката и корупцијата кои веќе беа длабоко навлезени не му дозволија, единствено што му преостана е да си замине, а нас да не остави на патот кој не водеше никаде.

Во 27 години колку што јас бурно го следам овој процес можам да издвојам уште две добри „преговарачки сеанси“, едната кога на „зелената маса“ во Скопје ни дојде тогаш „претседавачот“ со европскиот крем Данска која беше среќна што извојува „дипломатско реми“  и другата е онаа од Саутемптон каде Артим со редок „дипломатски маневар“ им ги замати сметките на големата Англија. Скоро сите други наши настапи беа жалосни, трагични па и комични ако сакате. Веќе никој не веруваше дека нашиот тим може некогаш да се избори за место на еден европски самит.

Октомври 2015 за шеф на „преговарачкиот тим“ е назначен Игор Ангеловски, човек со скромно, па да не речам (а реков) скоро никакво раководно искуство. Најверојатно е назначен само заради фактот што некој мора да биде на таа позиција и без апсолутно никакви очекувања, меѓутоа тој не мислеше така. Полека но сигурно почна да создава „дипломатски тим“ и во исто време да ги одбива надворешните и внатрешни притисоци и обиди за влијание во процесите со кои тој раководи. За капитен на тимот е назначен нашиот „амбасадор“ во Џенова, воедно со најголем „дипломатски“ стаж и успех, кој вешто ги координираше другите „амбасадори“ и „конзули“ како Аријан (Хрватска), Езѓан (Англија), Илија (Италија), Енес (Шпанија), Стефан (Португалија), Елиф (Италија), Столе (Шпанија), Бобан (Унгарија), Дарко (Хрватска), домашните Висар и Егзон, а тука беа и Мартин, Дамјан, Енур, Иван, Александар, Тихомир, Ѓоко, Влатко, Стефан, Ферхан, Никола и дузина други кои учествуваа и придонесоа во овој процес.

По  успешно затвореното „поглавје“ со Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар дојдовме на иста „преговарачка маса“ со младата, амбициозна и атрактивна косовска репрезентација, на крајот „дипломатското“ искуство победи и ние добивме покана за учество на „самитот“ во Тбилиси, последниот пред главниот европски „самит“ закажан за Јуни наредната година.

12 Ноември 2020 година, директните финални „преговори“ помеѓу Грузија и Македонија се водат на „Динамо Арената“ во Тбилиси. Грузија се заканува со вето, првиот дел од „сеансата“ поминува во нивна корист, аргументите се на нивна страна. Нашиот тим е резервиран, а делува и уплашено, не сака да избрза со контра аргументите, но се добива впечаток дека е дојден недоволно спремен. Почнува вториот дел од „сеансата“ и веднаш се чувствува дека нашата „дипломатија“ е консолидирана веројатно разбирајќи дека ова е историската шанса од која враќање нема.

„Артикулацијата“ е за две нивоа погоре, малкуте „каракачановски“ провокации се лесно отфрлени од Висар, Дарко, Егзон и Столе, фокусот на „преговорите“ успешно го оддржуваат Езѓан, Бобан и двајцата Стефановци и подготвуваат терен за нашите пласирање на нашите „аргументи“. Конечно одлична координација помеѓу италијанската амбасадорска врска Елиф, Илија и Пандев кој вешто го пласираше нашиот завршен „аргумент“ после кој Грузијците мораа да го повлечат своето вето.

Така е драги читатели, зборуваме за најважната споредна работа во светот, фудбалот. Нашата фудбалска репрезентација по цели 27 години официјални учества во квалификациски мечеви напиша историја, конечно успеа да се пласира на едно големо фудбалско натпреварување.

Голем љубител сум на спортот, но највеќе на фудбалот, секако не го потценувам веќе постигнатиот успех во другите спортови но сепак, за мене лично ова претставува поголем успех од се останато. Сепак не треба да сме премногу еуфорични околу пласманот, други држави слични на нашите се веќе редовни учесници на вакви настани и фокусот е на постигнатиот резултат таму.

Треба да престанеме да славиме пласамани само заради пласманот, да претставуваме симболичните резултати како историски успеси, претставувањето на поразите во победи само затоа што сме изгубиле со малку разлика, а противникот бил голем тим, треба да престанеме да славиме четврти, петти, шести места, едноставно треба да го промениме менталитетот. Шампионот не признава ништо друго освен победа, освен прво место, не велам дека ние моментално имаме квалитет за таков подвиг но мислам дека треба конечно да почнеме шампионски да се однeсуваме..

Зошто успеавме?

Располагам со скромни информации за тоа каква била атмосферата во тимот, какви биле односите помеѓу играчите, раководството, федерацијата, владата, но базирано на тие малку информации, како и јавните медиумски настапи на фудбалерите причината за успехот ја гледам пред се во отсуството на политиката. Јас видов дузина дечки кои како целина ја претставуваат Македонија во маало, различни етникуми, различни религии, а една цел, една желба, желба за успех, индивидуален, професионален, но и колективен. Сакаа да успеат за себе, но и за сите нас.

Овие дечки не отидоа таму да го бранат името, презимето, химната, не отидоа да ја величат „Гоцевата раса“, овие дечки не потпаднаа на многуте провокации искажани или поточно испеани од националистички навивачки ѓубриња. Овие дечки отидоа таму да нѐ направат горди нас и себе си, да ја претстават државата во најдобро можно светло, на спортски, на професионален план, а не на политички затоа што тие не се политичари туку спортисти и така и се однесуваа.

Јас покрај желба и жар за победа кај нив видов и единство, сплотеност, братство, затоа и победија и само така може да продолжиме да победуваме. Уште еден битен момент беше отфрлањето на оној рецидив кој се влече уште од времето на југословенската држава, а тоа е дека после секој неуспех нас ни се криви судиите, теренот, времето, спортската среќа, ја отфрлија улогата на вечна жртва.

Овие дечки разбраа дека се квалитетни, дека се талентирани, дека судбината е во нивни „нозе“ и нема да дозволат ни судии ни „мудии“ ни времето да им ја одземат шансата, не се базираа на среќа и да чекаат таа да биде на нивна страна туку ја ставија ситуацијата под своја контрола каде на спортската среќа и оставија мала шанса да биде одлучувачки фактор.

Да се навратам малку на претераната еуфорија, онаа новинарска, онаа која од спортот прави нешто друго и комплетно ја губи суштината на постигнатиот успех. Преносот го гледав на МТВ, кога заврши натпреварот ги слушнав следниве неколку реченици искажани во националистички занес: „Голем ден за сите Христијани…„ни негираат и име и презиме“….„сега ќе мораат да стојат исправено пред нашата химна…“.

Видете, да не бев упатен ќе помислев дека оваа репрезентација ја претставува Црквата, а не државата, или дека ги претставува Македонците, а не Македонија (затоа што Македонија е многу повеќе од само Македонците), ќе помислев дека спортот, во случајов фудбалот е средство со кое се тераат дугите „да стојат исправено на химните“. Како што споменав, дечките не се исполитизирани, отфрлија да бидат дел од такви игри и затоа и победија. Но, ние не сме мирни ако спортскиот успех го претвориме во политика. Мора да разберат ако никој друг, барем спортските новинари кои непотребно, често и несвесно ја превземаат улогата на „националистички поглавари“ (ова сум го приметил не само кај нас туку кај сите коментатори од бившата „Југа“) дека фудбалот е најголемиот промотор, најдобриот „амбасадор“ на една држава и дека оваа магична игра трева да остане тоа што е, а тоа е спорт а не политичка алатка за манипулација и „палење“ на народни маси.

Да ја отфрлиме таа националистичка еуфорија и да се задржиме на спортската, сепак имајќи ги во предвид моменталните околности, корона злото, економска криза, разни каракачанови и захариеви мислам дека може, а и треба да бидеме малку еуфорични.

Благодарение на на овие дечки ние се запишавме на фудбалската карта на европските великани. Ова се за мене вистински патриоти. Рече „Гранде“ Пандев дека животна желба му е да не однесе на европско и нѐ однесе. Заедно со Аријан, Елиф, Ристе, Енис, Илија, Езѓан, Бобан, Висар, Енур, Стефан….ги препознавате имињата или треба да нацртам дека oва е нашето најголемо богатство, ова е нашата Македонија и само вака можеме да одиме напред и редиме успеси на секој план.

Фала Пандев, фала ви дечки, слава ви, ќе останете во нашите срца, а ние ќе се погрижиме идните генерации да го запомнат вашето име. Се гледаме во Јуни со Австрија!

П.С. Владата изјави дека ќе им додели награда од 10 илјади евра како награда за пласманот на сите кои беа ангажирани во целиот циклус, ме потсети ова на некои други времиња, фалат само уште државни пензии да се доделат. ОВИЕ ДЕЧКИ НАЦИОНАЛНИОТ ДРЕС НЕ ГО НОСЕА ЗА ПАРИ, ГО НОСЕА И ГО НОСАТ ЗА НЕШТО ШТО СО ПАРИ НЕ СЕ КУПУВА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот