Европска златна лига: Македонските одбојкари по пет сета борба поразени во Задар

фото: Одбојкарска федерација на Македонија

Во својот петти претпоследен натпревар од групата „Б“ во Европската златна лига денеска македонската сениорска одбојкарска репрезентација загуби од Хрватска со 3:2.

На теренот во Задар избраниците на селекторот Јошко Миленкоски беа подобри со резултат 25:17. Домаќините се вратија и успеаја да израмнат, од почеток до крај доминираа во вториот сет кој го освоија 17:25.

Во третиот сет се водеше голема борба, поен за поен, неколку пати имавме позитива од „плус два“ (12:10, 19:17), на семафорот стоеше и 20:19 за нас, но не издржавме во финишот, ривалот направи пресврт за 23:25.

Нашата селекција мораше да оди на израмнување за 2:2 во сетови и во тоа успеа откако во четвртиот сет беше убедлива со 25:15.

Победникот беше решен во последниот петти сет кој имавме шанси да го добиеме. Македонија дојде до предност од 12:10, недостасуваа само уште три поени до триумфот, водевме и со 13:12, но повторно кога беше најпотребно потклекнавме, Хрватите до крајот на сетот врзаа три поени во низа (15:13) за поставување на конечниот епилог.

Н. Ѓоргиев беше најефикасен со 22 поени, следен од Ф. Савовски кој запиша 17, додека А. Љафтов имаше 12 поени. На спротивната страна кај победникот 22 поени забележа П. Дирлиќ, а по 10 Т. Ханжиќ, Ф. Сестан и И. Михаљ.

Во нашата група по пет кола првопласирана е Украина со 15 бодови, пред Белгија и Македонија со по шест, а последна е Хрватска со три. Последниот меч македонските одбојкари ќе го имаат во Скопје против репрезентацијата на Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот