Евроамбасадорот Жбогар го посети Репродуктивниот центар за европски елен во Националниот парк „Галичица”

Амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар во рамки на денешната посета на Охрид, се сретна со раководството на Националниот парк „Галичица”, а направи обиколка и на Репродуктивниот центар за европски елен во рамки на паркот.

Репродуктивниот центар се наоѓа на локалитететот „Косто бачило”, се простира на површина од 86 хектари, а во него е сместено матичното стадо од 30 единки, од кои 24 женки и шест мажјаци, а веќе има и подмладок на мали еленчиња.

Амбасадорот се запозна со главните функции на центарот во насока на заштита на биодиверзитетот преку активно управување на високопланинските пасишта, заштита на пејсажните и пределските вредности, намалување на ризикот од пожари, подобрување на атрактивноста на Националниот парк „Галичица” и едукативната функција.

Инаку, на средбата со директорот на НП „Галичица” Васко Паскали било разговарано за активностите што ги презема установата и плановите за во иднина. Жбогар бил информиран за напредокот и резултатите од спроведувањето на Проектот: „Подобрување на ефективноста во заштитата и управувањето со Националниот парк Галичица” што се реализира со финасиска поддршка на ЕУ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот