ЕСМ во загуба од 16,8 милиони евра

ЕСМ/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Трошокот за набавка на електрична енергија при купување струја од ЕСМ учествува со околу 43 отсто во крајната цена.

Официјалните податоци за загубите за минатата година на АД Електрани на Северна Македонија покажуваат минус од 16,8 милиони евра, објави Фактор. Во меѓувреме, ЕВН Хоум го распиша тендерот за набавка на струја за домаќинствата, а аукцијата е закажана за в четврток, кога и ќе се знае каква цена ќе треба да плати ЕВН Хоум за струјата што ќе им ја понуди на домаќинствата во наредниот период. Според методологијата, цената што ќе биде постигната на овој тендер ќе има најголемо влијание врз крајната цена на струјата. Трошокот за набавка на електрична енергија при купување струја од ЕСМ учествува со околу 43 отсто во крајната цена на струјата. На тендерот што ќе го распише оваа компанија, ЕСМ има обврска да понуди 70 отсто од потребите на пазарот, а другите ќе се набават од увоз. Притоа, цената на ЕСМ не треба да е повисока од увозната цена за мегават-час како што беше во досегашната практика. Во првите 4 месеци од годинава ЕСМ нудел цена од 38,8 евра за мегават-час. Инаку, лани освен ЕСМ, врз крајната цена на струјата, влијаеле и МЕПСО со 3,53, НЕМО со 0,13, Електродистрибуција со 35,91 и ЕВН Хоум со 10,26 отсто.

Марко Бислимовски, претседател на РКЕ, пред еден месец откри дека МЕПСО побарал зголемување на цената за пренос од 143 отсто, НЕМО побарал зголемување за 45 отсто, а Електродистрибуција зголемување за 0,95 отсто на цената за дистрибуција на електрична енергија. Регулаторната комисија за енергетика, има влијание на околу 38 отсто од вкупно прикажаните трошоци, во кои спаѓаат овие три компании. РКЕ ги прави последните анализи за тоа што ќе биде прифатено од барањата на останатите фирми од енергетскиот сектор, пред да ја соопшти новата цена на електричната енергија за домаќинствата. Лани струјата од први август поскапи за 7,4 отсто.

Бислимовски информира дека сѐ уште се разговара со работните групи и се разгледуваат предлозите на РКЕ за намалување на енергетската сиромаштија. Дел од предлозите се и директно префрлање на државната помош (која сега изнесува 1.000 денари по домаќинство) на сметките на струја, за лицата со ниски приходи, што РКЕ го бара поодамна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот