Ердоган се заканува со поинтензивна офанзива, ако примирјето не се реализира во целост

EPA-EFE/STR

Турција ќе ја продолжи офанзивата во североисточниот дел на Сирија уште поинтензивно од претходно ако договорот со САД за петдневно примирје не биде реализиран во целост, изјави претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

Тој додаде дека за Турција не претставува проблем влезот на сириските сили со поддршка на Русија во подрачјата исчистени од курдските Сили за заштита на народот, истакнувајќи оти Анкара не планира да остане на подрачјата под нивна контрола во северниот дел на Сирија.

Претходно, турскиот претседател демантираше дека денеска има судири во Сирија и покрај примирјето.

– Во североисточниот дел на Сирија нема никакви судири изјави претседателот на Турција, Ердоган.
Неговата изјава уследи откако дел од западните медиуми јавија дека се слушаат експлозии на гранати на сириско-турската граница и покрај договореното примирје во траење од пет дена, со цел да се исчисти безбедносната зона од курдските сили.

Ердоган посочи дека безбедносната зона ќе се простира 440 километри долж границата на Турција со Сирија и оти со Вашингтон е договорено истата да навлегува во сириска територија во должина од 32 километри.

Ердоган на синоќешната средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс во Анкара постигнаа договор за прекин на турската офанзива во североисточна Сирија. Во разговорите со турските претставници учествуваа и државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Роберт О’Брајан.

Американските претставници пристигнаа во Анкара за да го предупредат Ердоган дека ќе се соочи со дополнителни американски санкции ако не ја прекина офанзивата во Сирија.

Турција на 9 октомври, два дена по одлуката на Трамп за повлекување на американските војници од Сирија, ја покрена операцијата Извор на мирот против курдските сили. Анкара истакна дека цел на операцијата е да создаде „тампон зона” за заштита на турската граница, во која би можеле да се вратат сириските бегалци од Турција

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот