Епидемија на магарешка кашлица во Скопје: Градинките нема да примаат невакцинирани деца

Комисија за заразни болести Мехмедовиќ-Петличковски (1)
Д-р Александар Петличковски и Д-р Злате Мехмедовиќ / Фото: МИА

Комисијата за заразни болести препорача на територијата на Скопје да се прогласи епидемија на магарешка кашлица, со препораки да не се примаат во градинките децата кои што ги немаат примено сите дози од ДиТеПер вакцината која заштитува од пертусис. Во моментот во државата има 18 случаи на магарешка кашлица, од кои 16 се во Скопје. Болеста трае 100 дена и е особено тешка за бебињата и малите деца.

-Се одлучивме да препорачаме прогласување на епидемија за град Скопје. Ова звучи малку страшно „епидемија“, но реално треба да ни олесни во справувањето со ризикот кој доаѓа со болеста голема кашлица. Го подготвуваме Упатството за постапување во услови на епидемија што го спрема ИЈЗ и клучните активности се да се надополнат пропуштените дози вакцини. Опфатот на вакцинација со пертусис не е на задоволително ниво. Ќе ги повикуваме сите што ја пропуштиле вакцинацијата, ќе предложиме вакциналните пунктови да работат во 2 смени и во сабота. Препорачуваме забрана за прием на невакцинирани деца во градинки. Оваа болест е најтешка за најмалите, рече претседателот на комисијата за заразни болести професор доктор Александар Петличковски.

Вакцините се примаат на два, четири, шест, осумнаесет месеци и на 7 години. Децата што се нецелосно или невакцинирани сепак ќе имаат право да одат на училиште.

-Го детектираме тој проблем ама немаме решение во моментот. Вакцинацијата е задолжителна, како и образованието. Во случаите проблематични во изминатиот период, ова второто, образованието некако победува. Оваа препорака не може да ги опфати училиштата туку само градинките, рече Петличковски.

Сепак децата кои одат во училиште ќе бидат повикувани од страна на вакцинални тимови за да ги примат пропуштените дози. Најмал е опфатот со ДиТеПер вакцината која се прима на 18 месеци и е нешто над 60 проценти.

Заразноста на магарешката кашлица трае 5-6 дена. Инкубацискиот период е од 7 до 21 ден. Комисијата препорачува потврдените случаи да останат изолирани 5 дена после започнувањето на лекувањето со антибиотик.

Заразени со магарешка кашлица се и возрасни и деца во моментов во Македонија. Има доволен број на тестови за детекција, ама граѓаните не треба да одат сами да се тестираат, туку ако ги препрати матичен лекар.

За овие препораки да стапат на сила ќе биде потребно некое време односно министерот за здравство да ги потпише и да се ефектуираат.

-Не може да се враќаме во 20 век и да зборуваме за вакцинопревентибилни случаи. Трагично е тоа. Од искуството што го имавме со епидемијата на морбили, ги препорачуваме овие мерки зашто со морбилите имаше ефект, рече Петличковски.

На Детската клиника е хоспитализирано 4-годишно дете со магарешка кашлица, кое примало имуносупресивна терапија поради тромбоцитопенијата за кое било првично хоспитализирано. Детето е во добра состојба и ги има примено вакцините на 2, 4, 6 и 18 месеци.

-Инфекцијата дури и да се случи, ќе помине полесно кај оние деца што се имунизирани. Вакцинацијата има ефикасност меѓу 80 и 90 проценти, рече професор доктор Петличковски.

После 10 години од последната вакцина имунитетот од неа паѓа. Тоа значи дека може да заболат и возрасни.

Директорот на Инфективната Клиника доктор Фадил Цана рече дека имало и 59-годишен пациент со пертусис потврден со ПЦР метода.

Доктор Злате Мехмедовиќ од Комисијата за заразни болести вели дека во моментот нема епидемиолошки потврдено дека има пренос на пертусис од случај на случај.

-Сите се изолирани. Тоа се информациите од ИЈЗ. Сите случаи во Македонија вкупно 18, се засебни. Тоа е за нас оправдание да прогласиме епидемија во Скопје за да не се случи да имаме кластери во семејствата, рече доктор Мехмедовиќ.

Од Комисијата велат дека сигурно има и неоткриени случаи.

-Ако имаме докажан случај на пертусис, пациентот треба да се изолира и да почне терапија со антибиотик, со оглед на тоа што се работи за бактериска инфекција. После 5 дена од почнување на терапијата, пациентот повеќе не е заразен и не може да ја шири бактеријата. Во семејствата каде што има бебе ако има случај на пертусис, тогаш се препорачува антибиотик на домашните членови кои живеат во семејството, рече проф. доктор Катарина Ставриќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот