Едукативна работилница во Битола за јакнење на финансиската писменост на младите

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Финансиската писменост на младите како да направат сопствен буџет, да ги планираат месечните примања и трошоци, да знаат да се организираат за да носат подобри финансиски одлуки во голем дел ќе помогне младите да ја гледаат перспективата тука во Македонија.

Според некои истражувања неопходна е таа финансиска писменост младите да ја стекнат како животна вештина, за да знаат да се организираат, со цел да носат подобри финансиски одлуки.

Елена Гагачева тренер, консултант во ЦЕФЕ организацијата вели дека преку проектот за финансиска писменост ќе се доближи финансиската писменост до младите, пред сè до оние што се во стручното образование и понатаму сакаат да продолжат во претприемачките води.

-Доколку младите се финансиски едуцирани, како да привлечат повеќе пари во нивното секојдневие и како паметно да раководат со тие пари, сметам дека Македонија е многу подобро место за живеење отколку во странство. Доколку ги зајакнеме младите со вештини тие ќе ја гледаат нивната перспектива тука во Македонија. Главната активност во проектот ни е методологијата што се базира на искуствено учење, да ја пренесеме во средните училишта и факултетите, каде што професорите подоцна ќе можат истото знаење на еден интерактивен начин да го пренесат на студентите и учениците. На крајот на проектот ќе биде организиран натпревар на национално ниво, каде што сите вклучени тимови ќе имаат можност да се натпреваруваат и да освојат награди-вели Гагачева.

ЦЕФЕ Македонија е партнер со Народната банка и овој проект се вклопува во нивната стратегија за финансиска писменост на населението. Таргет група им се младите од руралните средини.

Силвана Здравковска-Тодоровска, менаџер на козметичка компанија и сопственичка на фитнес клуб во Битола смета дека ваквите едукативни настани за развивање на финансиската писменост кај младите се од големо значење.

-За млад менаџер финансиската писменост е од голема важност, бидејќи младите денеска пред сè имаат храброст, но, ретко се одважуваат да започнат свој бизнис, бидејќи отворањето на бизнис, само по себе носи големи ризици. Живееме во едни времиња кога економијата е нестабилна, не само во нашата држава туку и на глобално ниво, и целата таа ситуација е неповолна. Добро е што денес ги имаме ваквите проекти кои им даваат ветер во грбот на младите за да ја остварат нивната бизнис приказна. Јас пред седум години кога го отворив бизнисот немав можност да учествувам на вакви обуки, а се сеќавам дека уште во средно училиште со професорката по економија правевме финансиски подготовки и сето она што треба да го знае секој што ќе отвори сопствен бизнис. Денес е доста полесно и оттука ги повикувам младите да ги посетуваат ваквите едукации кои ќе им помогнат да имаат знаења за финансиската писменост. Секој бизнис е ризик, ама најголемиот ризик во животот е да не правиш ништо-вели Здравковска-Тодоровска.

Финансиската писменост е главниот аспект за студентите да ги научат сите финансиски процеси што се всушност основата на успехот на едно претпријатие, велат од Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола.

-Ваквите проекти на студентите им обезбедуваат реално искуство и тие можат многу подобро да ги научат финансиските прцеси во рамките на малите и средни претпријатија. Студентите стекнуваат вредно искуство, бидејќи ваквите проекти ги опфаќаат сите аспекти на претприемништвото. Финансиската писменост е главниот аспект за студентите да ги научат сите финансиски процеси што се всушност основата на успехот на едно претпријатие-вели проф. д-р Моника Марковска.

Проектот за финансиска писменост на младите добиен од Програмата за мали грантови на Американската амбасада ќе трае шест месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот