Едногодишен ученички онлајн лавиринт без излез на повидок

Ако минатата година онлајн наставата беше новост, сега е рутина, буквално дел од секојдневието на секој средношколец.

Настава на далечина, хибриден модел, онлајн часови, онлајн тестови, онлајн оценки, онлајн испрашување, станаа нормални термини речиси за сите ученици во земјава, откако средните училишта токму пред една година ставија клуч на врата.

Националната платформа се исчекуваше со големо нетрпение, но сепак поголемиот дел од часовите се одвиваа на платформата „Тимс“, а таа остана за следната сезона од серијалот „настава на далечина“.

Техничките проблеми со приклучувањето на онлајн часовите за некои ученици се уште се секојдневие, а од Министерството за образование и наука нема никаков абер за промени во начинот на наставата.

Во сите овие ученички маки не поминаа лесно ниту родителите. Помагајќи им на децата во онлајн наставата и тие се измачија навикнувајќи се на новото „нормално“, надевајќи се дека ќе трае само неколку месеци, за на крај образовниот онлајн хаос да продолжи и оваа учебна година која почна со задоцнување од еден месец, во октомври.

Новата година со стари проблеми ја одбележа и голготата со државната матура, кога токму поради онлајн наставата и ковид-19 учениците бараа намалување на бројот на предмети кои ќе ги полагаат, за на крај и покрај тоа што се работи за модифициран модел на полагање, сепак им остана да ги загреат столчињата и да се подготват за четири матурски испити.

Ковид-19 генерално никому не му донесе добро, но образовниот процес дефинитивно заглави во еден онлајн лавиринт без излез на повидок, барем не во скоро време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот