Една изборна единица, многу нервозни изјави

Фото: Слободен печат

Вицепремиерот Бујар Османи вчера повторно се обиде да го оправда поднесувањето на илјадници амандмани на Изборниот Законик, со кој треба да се воведе една изборна единица и отворени листи, откако премиерот Зоран Заев тоа го оцени како претерано и како причина да се преиспитаат односите во владината коалиција.

– Вистина е дека една изборна единица повеќе ѝ одговара на ДУИ, затоа што математиката вели дека ДУИ како најголема албанска партија може да земе два пратеника повеќе со една изборна единица отколку со шест, но ќе се намали бројот на албански пратеници, од осум до 10 пратеника. Па сега вие оценете дали е подобро ДУИ да добие два пратеника повеќе или Албанците да загубат осум или 10 пратеници. Еве вие кажете дали е нормално ДУИ да прифати такво нешто – рече Османи.

Според Алијанса за Албанците поднесените 5.000 амандмани на ДУИ  говорат за „неконзистентноста и нестабилноста на ДУИ“.

„Приближувањето на ставовите и ко-доставувањето на амандманите со ВМРО-ДПМНЕ е јасен показател за нивните идни соработки за блокирање на процесите што прават разлика за целокупното добро, но секако на нивна штета!“ – оценува Алијансата.

Партијата повторува дека стои силно зад барањето за отворени листи како приоритет за изменување и дополнување на Изборниот законик, а заради потранспарентна одговорност пред гласачите, потребни се 8 изборни единици, што, според Алијансата, исто така значи зајакнување на албанскиот глас!

Движењето БЕСА нема да поднесе амандмани на предложените  измени на Изборниот законик во Собранието и не верува дека ќе дојде до гласање ако има избори во април.

– Подносителите и сите кои ги поддржуваат измените треба да сметаат на тоа дека Изборниот законик се менува со консензус и не би требало никој да дејствува еднострано – изјави пратеникот Фадил Зендели од БЕСА.

Според него, ако сакаме да менуваме нешто тоа мора да биде посуштински и порадикално во насока на демократизација.

– Имам разбирање за политичките партии и помалите етнички  заедници кои бараат Изборниот законик да се менува, но мора да мислиме на целото општество и сите етнички заедници во државата  и во таа насока концептот кој ќе го менуваме или ќе го спроведе треба да биде во согласност со ова – рече Зендели.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Кузмановска оцени дека во постапката за измени на Изборниот Законик може да се види, како што вели, дволичноста на владејачката СДСМ.

– Требаше првин да си го повикаат својот коалициски партнер, кој поднесе околу 5.000 амандамни. Нашите 500-600 амандмани се во насока на давање јасен сигнал дека два месеца пред избори не се отвора  Изборен законик – изјави Кузмановска.

Нејзината партија во соопштение оцени дека „Заев се обидува на шверцерски начин, спротивно на препораките на ОДИХР, да ги злоупотреби помалите коалициски партнери за да протурка измени во Изборниот Закон со кои што во 5 минути до 12 би го намалил изборниот пораз.“

ВМРО-ДПМНЕ смета дека менувањето на изборен модел набрзина пред избори е преседан и надвор од сите правни пракси, каде за истото е потребно да се усогласиме со препораките од ОБСЕ.

Според Јусуф Хасани,  потпретседател на Демократска партија на Турците (ТДП) и пратеник во Собранието, изборниот систем да биде уреден на начин кој ќе овозможи застапеност и влијателност на малцинствата, кои се  под 20 отсто од вкупното население и кои се истотака претставници на партиите на тие исти граѓани кај кои бројката која гравитира е една четвртина од вкупното население (Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби и останати).

– Ако внимателно се погледа предлог на законот, ние де факто и не бараме посебни правила и процедури кои ни следат согласно овие препораки туку измена на изборниот модел кој и понатаму би останал пропорционален, но наместо 6, целата земја би преставувала една изборна единица. Се друго останува исто, вклучувајќи го и Д’Хонтовиот Модел за дистрибуција на пратеничките мандати – вели Хасани.

Според него, ако навистина сите декларативно се залагаме за „Едно општество за сите“ редно е да ги оставиме теснопартиските интереси и изборните математики и да се заложиме да го прифатиме овој модел, кој не само што е најрепрезентативен и најдемократски туку во овој момент е најпотребен за нашата заедничка држава.

ДС: Од сегашниот модел најголем ќар има шестата изборна единица

Демократскиот сојуз смета дека Македонија мора да биде една изборна единица за секој глас да има иста тежина.

Анализата што ја направи Демократскиот сојуз, како што соопшти партијата,  недвосмислено потврдува дека поделбата на шест изборни единици единствено е во корист на шестата единица каде со седум илјади гласови се обезбедува пратенички мандат или со 140.000 гласа се освојуваат 20 пратенички мандати, за разлика од другите изборни единици (прва,трета итн.) каде за пратенички мандат гласале 10.000 гласачи или со 200.000 гласачи се избрани 20 пратеници.

„Накусо, во шестата изборна единица со 60.000 гласа помалку имаме 20 пратеници. Затоа, Демократскиот сојуз бара Македoнија да биде една изборна единица, за да составот на Парламентот биде реален одраз на волјата на граѓаните, а не непринципиелен политички договор, каде се фаворизираат партиите кои имат помногубројно гласачко тело во шестата изборна единица.

Инаку доколку Македонија биде една изборна единица, ќе се сруши монополската позиција на големите партии и конечно ќе се демонтира „еднопартискиот систем” на владеење “, вели ДС.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот