ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА: Ќе има ли време?

Ќе се офајдат ли поголемите политички партии со илјадници гласови наменети за помалите и на овие парламентарни избори? Како што стојат работите на македонската политичка сцена, очигледно ништо нема да се смени и на 12 април, на предвременото изборно соочување за кој се договорија лидерите кај шефот на државта Стево Пендаровски. Најверојатно граѓаните и овојпат ќе  гласаат по стариот изборен пропорционален модел, со шест изборни единици од кои се избираат по 20 пратеници.

Според поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, промена на изборен модел на шест месеци пред избори е апсолутно неприфатливо имајќи ги предвид меѓународните стандарди за избори. Тој посочува дека ОБСЕ и ОДИХР предвидуваат една година.

– Ако стануваше збор за редовни избори тогаш ова прашање се отвори навреме, но бидејќи времето е кратко до предвремените избори во април, треба да остане стариот модел. Ако партиите се сериозни и навистина мислат за во иднина, тогаш оваа сегашна дебата треба да важи за некои идни избори – вели Новаковски за „Слободен печат“.

Новаковски смета дека најверојатно целта на ваквата дебата за една изборна единица и отворни листи е да им се удоволи на помалите политички партии пред избори за евентуални идни коалиции.

– Помалите политички партии ги сакаат овие измени но, поголемите партии не се заинтересирани. Целата оваа дебата може да се сфати како еден вид удоволување на нивните барања во евентуалното формирање на изборни коалиции – вели Новаковски.

Денеска Собранието по иницијатива на 12-мина народни избраници организира трибина на тема „Промена на изборниот модел од шест во една изборна единица и отворени листи“. Целта на тркалезната маса е јакнење на плуралноста на македонската политичка сцена и демократизација на самиот изборен процес, како и за демократизација на целото општество. Се организира по Иницијативата за една изборна единица во која се вклучени 12 пратеници. Тие бараат Измени во изборниот законик во делот на промена на изборниот модел во пропорционален со една изборна единица и отворени листи. Нивните пресметки се дека околу 30-40 илјади гласови во секој изборен процес отпаѓаат, бидејќи лицата во изборните листи не успеваат да го соберат потребниот број на гласови во изборната единицата каде што се наоѓаат. Со отворени листи се подразбира дека освен за партијата, ќе може да се гласа и за поединечните кандидати на нејзината листа со кандидати за пратеници.

Иницијативата до собранискиот спикер Талат Џафери ја доставија на 17 септември. Оттогаш поминаа безмалку два месеци, но освен меѓусебни надмудрувања кој каков изборен модел сака или поддржува, поголемите политички партии, и од македонскиот и од албанскиот блок, не беа иницијатори за ништо посеризно во овој правец. Движењето Беса и Алијансата за Албанците, ја поддржуваат иницијативата, но бараат наместо една, три изборни единици. Од СДСМ стојат на ставот дека за нив е прифатливо Македонија да биде една изборна единица за да можат, како што велат, секој глас да вреди подеднакво. ВМРО-ДПМНЕ бара мнозински изборен модел со 120 изборни единици, колку што има пратеници во Собранието. Со овој изборен модел победникот во секоја изборна единица во еден изборен круг станува пратеник.

Зад Иницијативата за една изборна единица, застанаа Лиле Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам. Во Собранието има и иницијатива за една изборна единица од Демократскиот сојуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот