Еден додаток во исхраната може да го намали ризикот од Алцхајмерова болест за дури 49 отсто

Фото: Профимедиа

Ако познавате некој што има Алцхајмерова болест, не сте сами, а Светската здравствена организација во 2012 година ја прогласи Алцхајмеровата болест (АБ) за светски приоритет на јавното здравје и им нареди на сите свои членки да дејствуваат, т.е. првенствено да изработат акциски планови односно национални стратегии за борба против Алцхајмеровата болест. Според податоците на СЗО, 47,5 милиони луѓе во светот имаат некаква форма на деменција, а се проценува и дека до 2050 година бројот може да се зголеми и на повеќе од 115 милиони заболени во светот.

Иако лекарите сè уште се обидуваат да ја разберат оваа болест и подобро да го разберат потенцијалното лекување на болеста, истражувањата покажаа дека доволни нивоа на омега-3 масни киселини може да го намалат ризикот од развој на оваа болест и до 49 отсто. ДХА или докосахексаеноична киселина е всушност омега-3 масни киселини, за која се знае дека има потенцијал во спречување разни болести, какви што се ревма, болести на срцето, некои форми на рак и депресија.

Сега се чини дека може да биде добра превенција и за Алцхајмеровата болест, а така стои во неодамна објавената студија, која ја разгледувала поврзаноста помеѓу црвените крвни зрнца и ДХА и Алцхајмеровата болест.

Додека учесниците во студијата имале околу 65 години и немале деменција, научниците откриле дека оние со високи нивоа на ДХА имаат околу 49 отсто помали шанси да се соочат со Алцхајмерова болест.
Интересно е што слична студија била спроведена пред 15 години, а резултатите тогаш покажале дека станува збор за 47 отсто помала шанса за развој на болеста ако имате повисоки нивоа на ДХА, истакнал д-р Вилијам Харис, водач на студијата.

Еве како ваквото делување на омега-3 ДХА врз помал ризик од развојот на Алцхајмерова болест го коментира д-р Џеф Глед, специјалист по интегративна медицина.

„Омега-3 масните киселини се многу важни за превенција и ублажување на воспалителните процеси. ДХА ќе го намали ризикот од развој на Алцхајмерова болест така што ќе ја намали невроинфламацијата, но и ќе го намали таложењето на амилоид-бета плакот во мозокот, а тоа се двата фактора што се главни виновници за Алцхајмеровата болест. Тој додава и дека луѓето што внесуваат доволни количини од овој додаток, можат и да го намалат ризикот од развој на оваа болест во семејството. Глад додава дека ризикот можете да се намали и ако јадете храна богата со омега-3 киселини какви што се лососот, сардините… Можете да користите и квалитетно рибино масло.

Голем број истражувања потврдија дека секојдневното консумирање овошје и зеленчук е одлично за превенција од Алцхајмерова болест, меѓу кои се препорачуваат боровинките што содржат активни супстанции, меѓу кои и антоцијани, кои ја подобруваат меморијата и го намалуваат нивото на слободните радикали во организмот. Фолната киселина исто така има превентивно дејство, а нејзин најдобар извор е зелениот лиснат зеленчук како кељ, зелка и спанаќ. Квасецот и внатрешните органи се исто така добри извори на фолна киселина. Истражувањата покажале дека луѓето што јадат мрсна риба (лосос, туна или сардина) најмалку трипати неделно имаат помал ризик од развој на Алцхајмерова болест. Се препорачува медитерански тип исхрана, кој се базира на внесување големи количини овошје, зеленчук, цели зрна, риба, мисирка, пилешко и малку црвено месо. Исто така, треба да избегнувате алкохол и пушење, а секојдневно да се занимавате со физичка активност најмалку 30 минути дневно во континуитет. Менталната активност може да се стимулира со читање, решавање задачи, крстозбори и со подобра и поразновидна социјална активност односно дружење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот