Џафери со Бесими и Битиќи во Лондон, ќе учествуваат на Инвестициски самит за Западен Балкан на ЕБОР

Талат Џафери - претседател на Македонскиот парламент / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Техничкиот премиер Талат Џафери, денеска ќе учествува на Инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, што ќе се одржи во седиштето на Банката во Лондон, Велика Британија.

Џафери ќе биде придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

За време на Самитот, техничкиот премиер Џафери ќе присуствува на централниот и придружен настан, а ќе оствари и билатерална средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо.

Од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) наведуваат дека настанот кој се одржува на секои две години, ќе ги собере шесте премиери од Западен Балкан, како и меѓународни инвеститори, со цел да се истакнат потенцијалните можности за инвестирање и бизнис во регионот и да се промовираат регионални прекугранични проекти.

-Традиционалниот белег на самитот е Интерактивната сесија на премиери, на која регионалните лидери и претседателот на ЕБОР пред публиката ќе ја споделат нивната севкупна визија за регионот. На сесијата ќе има продолжени прашања и одговори со меѓународните инвеститори, стои во соопштението од ЕБОР.

Со оглед дека промовирањето зелена транзиција е клучниот приоритет на Банката во регионот, ќе се одржи посебен панел за зелена енергија во Западен Балкан, кој ќе ги собере инвеститорите и клучните креатори на политики на министерско ниво на дискусија за максимизирање на мобилизацијата на приватниот капитал за да се забрза декарбонизација на регионот.

Ова е шести самит на ЕБОР од ваков вид. Воведниот самит за Западен Балкан се одржа во ЕБОР пред десет години, во февруари 2014 година, на кој по прв пат се собраа сите шефови на влади во регионот.

Западен Балкан е приоритетен регион за ЕБОР кој ги вклучува Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. ЕБОР, се посочува, е еден од најголемите институционални инвеститори во регионот, во кој досега има инвестирано повеќе од 18 милијарди евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот