Државните органи во аут, владиното тело во акција!?

Лудост е да се формира владино оперативно тело кое ќе се бори против криминалот и корупцијата, кога во исто време во државата постојат институции што имаат законска обврска да извршуваат потполно иста задача.

Ваков е ставот на домашните експерти откако Владата одлучи да го претстави во јавноста новиот оперативен тим предводен од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој, како што беше најавено, треба будно да ги следи истрагите и да помага во задоволувањето на правдата.

Според аналитичарите, ваквиот потег само потврдува дека државните институции во земјава воопшто не функционираат, но наместо да се занемарува тој страшен факт и спасот да се бара во некое новоформирано ад-хок тело, порачуваат експертите, Владата треба сериозно да се заложи во решавањето на проблемот со институциите и да се стреми за нивно професионализирање и повторно враќање во живот.

Аналитичарите појаснуваат дека оваа иста Влада има Министерство за внатрешни работи, има финансиска полиција и други институции што требало да делуваат, но очигледно не делувале против криминалот и корупцијата, а со формирањето на оперативното тело, само ќе се создаде паралелен систем од кој тешко дека ќе видиме резултати.

Власт во власт

Поранешната заменик-министерка за правда Тања Алтанџиева смета дека во земјава веќе постојат институции што имаат овластување да водат борба против криминалот и корупцијата, па во овој момент нема никаква потреба за формирање какво било друго тело што би ја вршело истата работа.

– Никакво владино тело не може да биде супститут за оперативно дејствување, освен надлежните органи. Евентуално такво тело може да биде само репрезент на владина политика за афирмација на бескомпромисна борба против криминалот – вели Алтанџиева.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери, пак, посочува дека институциите во државава дефинитивно потфрлиле во работата, со оглед на тоа што е донесена одлука за формирање ново тело во рамките на Владата.

– Ако институциите навистина функционираа во најдобар ред, тогаш немаше да има потреба да се формира ново тело за борба против криминалот и корупцијата. Институциите потфрлија и од аспект на сериозните забелешки кои ни доаѓаат однадвор, односно за тоа дека Македонија не се справува доволно и соодветно со проблемите. Состојбата со криминалот, корупцијата и другите дeвијантни појави е сериозна и оттука сметам дека Владата оценила дека треба да има еден посебен поттик за да се излезе од ваквата ситуација. Тоа е добро, според мене, но само доколку надлежностите на тоа ново тело не навлегуваат во надлежностите на останатите власти во државата – објаснува Зибери.

Прашања без одговор

Како што беше соопштено, оперативниот тим го предводи министерот за внатрешни Оливер Спасовски, а во него членуваат и министерката за правда Рената Дескоска, заменик-министерот за внатрешни Агим Нухиу, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Ариф Асани, на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, на Финансиската полиција Арафат Муареми, на Царинската управа Ѓоко Танасоски, на Управата за јавни приходи Сања Лукаровска, на Управата за финансиско разузнавање Блажо Трендафилов, како и директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски.

Сепак, одговор на прашањата на кој начин ќе функционира овој оперативниот владин тим, кои точно активности ќе ги преземе и зошто се формира од министри и директори на институции од извршната власт кои веќе се надлежни за гонење и спречување криминал, не добивме ниту од Владата ниту од министерот Спасовски, а за каков било коментар не беа достапни ниту членовите на новоформираното тело.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ваквата одлука е маска и обид да се забошоти случајот „Рекет“.

– Срамно е тоа што по тригодишно владеење, во време кога се стега обрачот околу премиерот и неговите најблиски соработници во еден најкоруптивен случај наречен „Рекет“, Владата формира тело што ќе се бори против криминалот и корупцијата. Внимавајте, една влада со сите институции, со сите органи за испитување за репресии и сите институции за заштита на правото и правниот систем, по три години власт формира тело за борба против корупцијата и криминалот. Прашањето е дали досега не функционирале и како истите оние луѓе што се споменуваат можеби под псевдонимите Кики, Фрики, Коки, Зоки, Шеки, сега ќе координираат тело за борба против криминалот и корупцијата – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Според премиерот Зоран Заев, одлуката е поврзана со реформските закони.

– Членуваат соодветните институции што се надлежни за спроведување истраги, но од извршната власт. Затоа што во овој случај како доказ на дело е имплементацијата на законите од реформскиот процес – владеење на правото и борбата против корупцијата. Дел од четирите конечни цели што ги имаме пред ЕУ – реформи во правосудство, борба против организиран криминал, безбедносните реформи и јавната администрација. Ако извештајот е одлучен и завршен на 29 мај, ние не треба до октомври да седиме со скрстени раце. Ние треба да работиме затоа што покрај очекувањата на граѓаните за економскиот стандард, економскиот раст, тука е и борбата со корупцијата, а потоа и подобрување на здравството и образованието. Секако, овој тим ќе биде целосно на располагање на истражните органи на независните институции од правосудството – изјави Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот