Доверителите си враќаат половина од вложеното

Истече рокот до кога беше стопирано отворањето на стечајни постапки заради коронавирусот.

Стечајните постапки во Македонија траат 1,5 години, што речиси не изедначува со просекот на земјите од ОЕЦД, каде стечаите завршуваат за 1,7 години. Најбрзи се ирските стечаи со времетраење од само 4 месеци. Истражувањето на Светската банка „Дуинг бизнис 2020 година“, покажува дека во земјава, се уште владее неефикасност при намирувањето на побарувањата на доверителите. Според ова истражување, домашните доверители добиваат 48 центи од еден долар. За разлика од кај нас, доверителите во стечајните постапки во ОЕЦД, добиваат 70,2 центи од еден вложен долар. Норвешките стечајни управници се најефикасни и тие им враќаат во просек 92,9 центи од еден долар на доверителите. Што се однесува до трошоците на чинењето на постапката во Македонија таа чини 10 проценти од имотот, а речиси половината се однесува на адвокати и други вешти лица. Македонија е на 30 место од 190 земји во делот на стечајните постапки, според „Дуинг бизнис 2020 година”.

Странските експерти нотираат дека за да се зајакне позицијата на доверителите во стечаите, лани во земјава е направена промена на процедурата за гласање во однос на плановите за реорганизација на компаниите во кои е отворена стечајна постапка, со што им се овозможи поголема улога на доверителите во постапката за намирување. Претходно, беше воведена и електронска аукција на долговите.

Во изминатите десеттина години, отворањето стечајна постапка во земјава, беше бауч и за доверителите и за поранешните вработени. Експертите ги лоцираа тесните грла на  постапки во судството, но и во немањето волја кај банките и останатите доверители да притиснат за стечај, во фирмите каде што не можеа да си ги намират обврските. Сите овие причини, како отвореното незадоволство на работниците кои останаа без работа по сила на стечај, беа причина за радикална промена на стечајното законодавство, која предвидува казна за стечајните управници кои намерно ќе го одолговлекуваат стечајот. Во моментот на неколку илјади фирми им се заканува стечај, бидејќи три години по ред не поднеле завршна сметка. Тие се бришат од Централниот регистар.

Инаку, истече рокот до кога беше стопирано отворањето стечајни постапки поради вонредната состојба предизвикана од коронавирусот. Во март, Владата донесе Уредба со која пропиша дека над стечајните должници кои ги исполнуваат условите за отворање на стечајна постапка, нема да се отвораат стечајни постапки за време на траењето на вонредната состојба, како и по престанокот на траењето на вонредната состојба до 30 јуни 2020 година. Во истовреме, сите започнати постапки, се одложија до 30 јуни 2020 година.

48 центи за 1 долар побарување, во просек, добиваат македонските доверители од стечајните постапки 92,9 центи од еден долар им се враќа на доверителите во Норвешка, каде е и најефикасно затворањето на стечаите. 30 е бројката на позицијата на Македонија во листата од 190 земји во однос на спроведувањето на стечајните постапки (Дуинг бизнис 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот