Доста со нови рестрикции, фатете се за работа!

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Протоколи за работа има за сите, мерки за заштита има, само треба да се почитуваат и некој да води сметка за тоа законот подеднакво да важи за сите

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера рече дека се размислува да се воведат нови рестрикции во борбата против коронавирусот. И повторно први на удар секако ќе бидат угостителите и нормално граѓаните кои ќе мора да носат маски секаде, па дури и кога се сами на отворено.

Но, за кого ќе важат овие нови рестрикции? Очигледно само за скопјани од урбаното подрачје на градот, бидејќи видовме што се случуваше за време на карантинот во другите, помалите градови во државата, но и во некои скопски населби. Закон има, ама не важи за сите.

И кој е крив за тоа? Кој е крив што законот и мерките не се почитуваат? Јасно ни е дека граѓаните немаат доволно развиена свест. Е па не сме Швеѓани. А штом не сме Швеѓани, треба државата малку повеќе да ги стегне работите, па да удри со казни, бидејќи Македонците само така функционираат. Но, казни нема. А зошто е тоа така? Бидејќи полицијата не си ја врши работата. Претходно виновникот за тоа беше Наќе Чулев, бил од ВМРО-ДПМНЕ и намерно ги кочел работите. Но, сега Чулев го нема. Спасовски го презема Министерството за внатрешни работи.

Кој треба да го спроведува законот во државава, кој треба да проверува дали мерките за заштита се почитуваат насекаде?

Појдете по кафулињата, не само во центарот на Скопје, туку и во оние во помалите градови, па видете дали се придржуваат до протоколите за работа. Влезете во автобусите, доволно е во оние градските на ЈСП. Шилегов и натаму штеди, а автобуските линии се проретчени и возат како во времето кога во државата имаше карантин. Луѓето се стискаат еден до друг, бидејќи мора навреме да стигнат на работа. Појдете на пазарите, проверете кој носи маска, кој не. Појдете на базените, да видите дали се почитуваат препораките и протоколите. Јас ќе ви кажам дека не се почитуваат никаде. Но, тоа некој треба да го види и да го спречи. А кој, ако не државата и механизмите кои ѝ се на располагање.

Доста веќе се заканувате со нови ограничувања. Ете и да воведете нови рестрикции, што ќе смените со тоа? Повторно тие ќе важат за оние совесните и послушните, а сите останати ќе си тераат по старо. Протоколи за работа има за сите, мерки за заштита има, само треба да се почитуваат и некој да води сметка за тоа законот подеднакво да важи за сите.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот