Дополнителни тензии? Заедничка воена вежба на Русија и Белорусија во близина на границата со Полска

Руски воени вежби/ Фото EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Русија и Белорусија соопштија дека спроведуваат заедничка воена вежба во близина на белоруско-полската граница. Вежбата се одржува во услови на тензии меѓу Минск и ЕУ поради мигрантската криза.

Москва испрати падобранци во Белорусија како поддршка на својот сојузник за време на тензиите поради приливот на илјадници мигранти од Белорусија кон границата со Полска, наведува АП.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руски падобранци ќе учествуваат на вежбата во белорускиот регион Гродно, долж границата со Полска.

EPA-EFE/

Армијата на Белорусија соопшти дека целта на вежбата е да се провери подготвеноста на сојузничките сили за брза реакција, поради „интензивирањето на воените активности во близина на белоруската граница“.

Во рамките на вежбата во која учествуваат белоруските сили за противвоздушна одбрана и хеликоптери, војниците меѓу другото ќе вежбаат и гаѓање на непријателски извидници и илегални вооружени формации.

Руски тенкови за време на воени вежби/ Фото EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Русија два дена по ред оваа недела испрати бомбардери да патролираат во мисии над Белорусија. Заменик-амбасадорот на Русија во ОН, Дмитриј Полјански, рече дека тие летови се одговор на масовното акумулирање војници на границата меѓу Полска и Белорусија.

Москва силно ја поддржува Белорусија во моментот на нејзиниот конфликт со ЕУ, бидејќи илјадници мигранти и бегалци, главно од Блискиот Исток, дојдоа на нејзината граница со Полска со надеж дека ќе стигнат до Западна Европа.

Европската унија го обвинува авторитарниот белоруски претседател Александар Лукашенко дека поттикнува илегално преминување на белоруско-полската граница. Унијата смета дека овој „хибриден напад“ е одговор на Лукашенко на санкциите што Минск ги воведе кон Минск поради тешката репресија на антивладините демонстранти по минатогодишните претседателски избори во Белорусија.

Фото EPA-EFE

Белорусија ги негира обвинувањата, но вели дека повеќе нема да ги спречува бегалците и мигрантите да се обидат да влезат во ЕУ.

Министерството за одбрана на Белорусија ја обвини Полска дека акумулира војници на границата „без преседан“, наведувајќи дека спречувањето на влез на мигранти не го оправдува распоредувањето на 15.000 војници, кои имаат поддршка од тенкови, сили за противвоздушна одбрана и друго оружје.

 Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Русија и Белорусија имаат договор кој предвидува блиски политички и воени врски. Лукашенко ја истакна потребата од зајакнување на воената соработка со Русија, додека, како што наведе, се соочува со агресивни акции на НАТО.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот