Доктор Дениел Поповски од Битола е осуден за кривично дело „несовесно лекување болни“

Д-р Дениел Поповски, патолог / Фото: Клиничка болница Битола, Апелационен суд Битола, Слободен печат / Колаж: Слободен печат
Д-р Дениел Поповски, патолог / Фото: Клиничка болница Битола, Апелационен суд Битола, Слободен печат / Колаж: Слободен печат

Битолскиот суд го осуди патологот од Битола доктор Дениел Поповски за кривичното дело „несовесно лекување болни“, затоа што наместо да утврди дека претходно оперирана пациентка на која ѝ биле извадени матката и јајникот има малиген тумор, тој во микроскопската анализа напишал дека има бениген миом. Следствено, пациентката 7 месеци не преземала ништо мислејќи дека не е животозагрозувачки болна, метастазирале нејзините бели дробови бидејќи во тие месеци не примала хемотерапија и починала 4 години подоцна од проширувањето на метастазите.

Казната за доктор Поповски е условна осуда со парична казна од 123 илјади денари кои нема да ги плати ако во рок од една година не стори ново кривично дело. Тој е член на извршниот одбор на Лекарската комора и член на управниот одбор на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје.

Од пресудата до која дојде „Слободен печат“ произлегува дека доктор Поповски се бранел дека негова работа не е да лекува, туку да дијагностицира, а дека работа на клиничарите била да лекуваат. Затоа, според Поповски, не можело да стане збор за задоцнето лекување кое настапило благодарение на неговата дијагноза, затоа што клиничарот потоа морал да го следи пациентот. Судот ова го одбил.

„Правилно утврдил првостепениот суд дека обвинетиот како лекар специјалист по патолошка анатомија, при укажување на лекарска помош на оштетената В.С. со преземање дејствија кои имале за цел нејзино лекување – со микроскопска анализа на примерок од матката земен при гинеколошка интервенција врз неа, очигледно несовесно постапил на начин што изготвил хистопатолошки наод од 24 јули 2017 година со клиничка дијагноза „леомиом со бизарни јадра“ иако требало да постави дијагноза „леомиосарком“ што претставува малигно заболување, што довело до задоцнето лекување на оштетената од овој вид заболување, со што дошло до влошување на здравствената состојба на оштетената“, пишува во одлуката на Апелациониот суд од Битола.

Сопругот на сега починатата пациентка, на суд објаснил дека на 21 јули 2017 година, неговата жена била оперирана во битолската болница со отстранување на матката и еден јајник. Хирургот потоа отстранетата матка и јајник ги пратил на Одделението за патологија за да се утврди дали се работи за малигни или бенигни тумори. Пациентката била отпуштена од болницата со дијагноза дека се работи за бенигни тумори и не добила напатствија за понатамошно лекување бидејќи дијагнозата била за бенигни тумори. Но, откако оштетената излегла од болница, после 7 месеци здравствената состојба почнала многу да ѝ се влошува, немала енергија, почнала да кашла и бидејќи кашлицата не се смирувала, се јавила на преглед во Клиничка болница Битола на пулмологија.

Таму по извршеното снимање на рентген, се видело дека пациентката има црни дамки на белите дробови односно дека се метастазирани. Тешко било тоа да се оперира и да се исчисти и било препорачано жената веднаш да почне да прима хемотерапија.

Оттаму жената отишла во Скопје, на Клинички центар „Мајка Тереза“ во Клиниката за онкологија, а докторката веднаш побарала да ѝ се пратат калапите од патологија (што ги работел доктор Дениел Поповски) кои кога ги гледале патолози од Скопје, утврдиле дека состојбата на пациентката е тешка малигна болест.

Од вештачењето на Институтот за судска медицина за конкретниот судски случај, судот утврдил дека во конкретниот случај, патологот Дениел Поповски поставил погрешна дијагноза на микроскопските препарати од извадената матка, односно поставил дијагноза „леомиом со бизарни јадра“, а додека при ревизијата на истите примероци од страна на Институтот за патологија во Скопје, била поставена дијагноза „леомиосарком“ што претставува малигно заболување.

„Поставувањето на погрешна дијагноза довело до задоцнување во лекувањето на оштетената, а со тоа губење на драгоценоо време при лекувањето на овој вид на заболување. Според вештите лица обвинетиот кој бил лекар специјалист по патолошка анатомија, имал доволно знаење од областа на патологијата и истиот употребил соодветни техники на боење на ткивото, па вештите лица се на мислење дека обвинетиот погрешил со тоа што не зел доволен број на пресеци од ткивото како и неговата недоволна информираност за случајот. Според вештото лице доктор Љ.Ч. лошото боење на земениот материјал, но и недоволното земање на материјал за испитување била причината за грешната дијагноза како и направени лоши пресеци на микрото со што на обвинетиот му излегла дијагноза која ја поставил, а која била погрешна“ – пишува во пресудата.

Кога во Скопје, после месеци од операцијата (за која пациентката мислела дека е за бениген тумор на матката), пациентката била точно дијагностицирана, веднаш почнала да прима хемотерапија. Хемотерапијата ја примала од 11 декември 2018 година до 30 јуни 2021 година кога починала бидејќи метастазите се прошириле на мозокот.

Доктор специјалист за тумори на женските гениталии кој сведочел во судница, дал степен на излекување на пациентите од 70 проценти во прв стадиум, 60 проценти во втор стадиум и 40 проценти во трет стадиум.

Сведоците на доктор Поповски кои извршиле увид во хистолошките стакла работени од Поповски во Битола, кажале дека тие биле со видливо лош квалитет, а на некои делови недостасувало пребојување со еозин, што ја отежнувало хистолошката евалуација на препаратите.

Битолска Апелација пресуди дека првостепениот суд правилно утврдил дека обвинетиот како патолог со долгогодишно искуство тоа можел да го знае и увиди и наместо да даде дијагноза на тие препарати, требало да ги реизработи препаратите со нови резерви од постоечките калапи, да земе доволно нови примероци од ткивото и на тој начин со нови препарати можел да ја утврди точната дијагноза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот