Додека ние ги гребевме шахтите, МНР барало Грција да го замени „Скопиа“  

Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа историски договор кој како пример за врвен дипломатски пристап, реши отворено прашање и со тоа, меѓу другото, дадоа значаен придонес за стабилноста на Балканскиот регион/Фото: МИА

Додека нашата Влада активно се посвети на реализиција на добиените задачи од Договорот од Преспа, а отиде и чекор понатаму со гребењето на Сонцето од Кутлеш на канализациските шахти, грчката страна се уште не го заменила името на нашата држава испишано на нивните сообраќајни знаци.

Според Договорот, наместо „Скопиа“, треба да стои „Република Северна Македонија“. И додека чекаме грчката страна да го спроведе тоа што го ветила, кај нас по гласањето на уставните измени старото име Република Македонија експресно беше заменето со новото на сите натписи, информативни табли и сообраќајни знаци.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, кој е министер за локална самоуправа, минатата недела беше во Грција и најави дека на следната владина седница ќе побара Грција да го испочитува својот дел од обврските од Преспанскиот договор.

– Во Грција не видовме сменета ниту една табла каде би пишувало Северна Македонија, туку уште стои понижувачкото име Скопиа – рече Милевски, кој учествуваше на Конгресот на европски либерали што се одржа во Атина.

Од Министерството за надворешни работи велат дека се во редовни контакти со претставниците на грчкото МНР.

„Во повеќе наврати досега има укажано на потребата и полезноста од поставување на соодветна патна сигнализација на патиштата во Хеленската Република согласно новото име на нашата држава, а што е во духот на имплементацијата на Преспанскиот договор и добрата волја за надградување на добрососедските односи. Поставувањето на ваквата нова сигнализација, како што е веќе направено во Северна Македонија, за Грција, е во интерес на двете држави, но и пошироко, пред се во полза на економската соработка и унапредувањето на туризмот, односно олеснување на движењето на корисниците во рамките на овие две значајни области на билатералната соработка“, се вели во објаснувањето од МНР.

Оттаму засега не откриваат дали ќе преземат други мерки во однос на непочитувањето на Договорот од грчката страна.

Во однос на другите обврски од Преспанскиот договор, како што велат од МНР се чека грчката страна да информира за готовноста на нивните комитети и комисии за продолжување на работата во наредниот период, и тоа за Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, како и за Комитетот за деловен дијалог и Групата меѓународни експерти за прашања кои произлегуваат од имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и меѓународно ниво.

И додека се чека имплементацијата на договорот во Грција се промени власта. Владата предводена од Мицотакис рече дека ќе го почитува Договорот. Грците изразуваат и страв од тоа дали нашата страна ќе затаи со имплементацијата на внатрешната употреба на новото име откако земјава не доби датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот