Добар совет пари вреди, владин советник уште повеќе

Тие се едни од највлијателните луѓе во земјата и работат од сенка, а премиерите и претседателите речиси секогаш го прават она што тие ќе им го дадат како совет. Секако, овде не зборуваме за тајкуни, масони или за шефови на тајните полиции, туку за советници чија задача е да му помагаат на владиниот или на државниот врв при носењето клучни одлуки. Во сите развиени демократски земји низ светот тие се луѓе со голем углед и реноме, но и со неограничена доверба кај политичарите за кои работат. Во Америка, на пример, советниците на претседателот буквално се нарекуваат „мозоците на Доналд Трамп“.

А како е во Македонија? Според домашните политички аналитичари, советничките места во земјава обично ги освојуваат луѓе чија главна квалификација е партиската или личната блискост со шефот. Овде, додаваат експертите, не секогаш мора човек да биде најпаметен и најквалификуван за да му дели совети на премиерот – овде е потребно само да се биде префриган. Овде, огромен број луѓе само на хартија фигурираат за советници и добиваат плата двојно повисока од просечната, но сепак јавноста не забележува резултати од нивното советување.

Бесплатни совети

Тоа сме го гледале во минатото, а истото го гледаме и сега, додаваат аналитичарите, па потсетуваат дека за време на своето децениско владеење експремиерот Никола Груевски поседуваше цело ергеле советници составено од вкупно 90 експерти, за кои годишно од државниот буџет се излеваа по 1,7 милиони евра.

За разлика од Груевски, премиерот Зоран Заев сега има вкупно 59 советници, кои годишно црпат значително помалку пари од државната каса – околу 300.000 евра – но со оглед на тоа што нивните резултати се слабо видливи за јавноста, експертите сметаат дека најпаметно би било листата да се преполови или целосно да исчезне.

Како што објаснуваат, за една мала и сиромашна држава како нашата, доволни се и советите од актуелните министри што по природа важат за експерти во својата област во која министеруваат. Па така, на пример, наместо месечно да се трошат илјадници евра на советници од културата, економијата или здравството, аналитичарите проценуваат дека подобро би било премиерот Заев да бара бесплатни совети од актуелните министри Хусни Исмаили, Крешник Бектеши или Венко Филипче.

За поранешниот антикорупционер Драган Малиновски не е спорна оправданоста на ангажирање советници, но како што вели, нивниот број треба да зависи од проектираните цели што треба да се постигнат.

– Треба да се гледа на целовитоста на проектот, односно дали тој проект на крајот од денот продуцира позитивни политики или не. Онаму каде што е возможно, пожелно е да се постават советници, но да се објективизираат тие цели и да се направат мерливи. Во секој случај, секогаш треба да се има предвид реакцијата на јавноста. Ако јавноста биде информирана за трошењето на тие средства и оправданоста за ангажирањето на советниците, тогаш ќе има позитивни реакции. Доколку, пак, јавноста не гледа резултати, а вие имате огромен број советници, тогаш разбирливо е дека ќе се соочите со негативни реакции – вели Малиновски.

Српска врска

Но, очигледно премиерот не мисли така лесно да се откаже од својот советнички тим, ако се земе предвид фактот дека само минатата недела тој на четворица советници им го продолжи договорот на уште една година. Поранешниот контроверзен менаџер од естрадата во Србија, Зоран Башановиќ, за 1.500 евра ќе продолжи да го советува Заев за економските прашања, а на истата тема, но за 300 евра помалку ќе го советува и ексдиректорот на државната компанија за производство и дистрибуција на струја во Србија, Александар Обрадовиќ.

За 1.200 евра месечна плата и поранешниот прв човек на српската Агенција за приватизација, Љубомир Шубара, ќе продолжи да му помага на премиерот околу финансиите, банкарството и инвестициите, додека, пак, Владимир Цветковиќ за истата сума ќе дели совети за ИТ-прашања.

Од Владата не добивме одговор на прашањата кои конкретно политики, мерки, проекти и инвестиции досега се реализирани како резултат на советите од советниците на премиерот.

Андов: Не постои никаков критериум

Ако ние имаме изградени институции во државата, а тоа се министерствата, агенциите и управите, тогаш советници на премиерот би биле само искусни луѓе што поминале и израснале во администрацијата, вели поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

– Само луѓе што израснале во една таква здрава администрација можат да му помогнат на премиерот во носењето клучни одлуки. Меѓутоа, состојбата кај нас е таква каква што е, а ова прибирање разни луѓе за советници го започна експремиерот Никола Груевски. Според мене, тука не постои реално оправдување, бидејќи голем дел од овие луѓе се само со една вештина – мамење. Во ред е премиерот да има некој искусен советник покрај себе, но бројката од 60 или 90 луѓе е претерана. Во моментов не постои никаков критериум за тоа кој може да дели совети, а уште посмешно е тоа што премиерот го советуваат и луѓе од друга држава, кои воопшто не се експерти и кои не ја познаваат нашата администрација. Заев може да бара совети од искусни луѓе од странство, но тие услуги нека ги плаќа во вид на хонорар, а не како месечна редовна плата – објаснува Андов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот