ДКСК: Нема судир на интереси кај градоначалникот Шилегов

Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Фото: Слободен печат/Архива

Антикорупционерите не утврдија судир на интереси кај скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Државната комисија за спречување корупција предметот за Шилегов го отвори по службена должност откако опозицијата обвини дека Град Скопје ја најмила за консултантски услуги адвокатската канцеларија „Шилегов и партнери“, каде основач е токму градоначалникот.

-Постапката тука се запира. По сите документи кои ги прибавивме, меѓу кои и фактурите, утврдивме дека Град Скопје не извршил уплата на лицето „Шилегов и партнери“, велат од ДКСК.

Претходно портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски обвини дека како градоначалник Шилегов користел услуги од неговото адвокатстко друштво и всушност си исплаќал себеси народни пари.

-Шилегов си потпишува консултантски услуги сам на себе, за што скопјани му плаќаат околу 10.000 евра годишно. И тоа Шилегов го прави со години. Ова е класичен криминал, класичен судир на интереси, класична корупција и злоупотреба на позиција на функција, изјави Стоилковски минатиов декември.

Градоначалникот Шилегов го демантираше Стоилковски, велејќи дека ниту еден денар од градската каза не е префрлен во неговата компанија.

-Вистината кога е ДПМНЕ во прашање е секогаш на обратна страна. Јас земам сопствени пари од моето адвокатско друштво. Уште како пратеник во Собранието имам склучено договор за консултантски услуги со сопственото адвокатско друштво кое ме плаќа мене. Еве го договорот во 2015 и месечниот приход кој е уредно пријавен во анкетниот лист и предаден во Антикорупциска комисија кога станав градоначалник, истакна Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот