
Дипломатска изненада: Ал Шара и Трамп на средба?
Изградба на Трамп кула во Дамаск, подобрување на односите со Израел и давање пристап до сириската нафта и гас се некои од предлозите со кои сирискиот лидер Ал Шара ќе се обиде да го привлече Доналд Трамп да се сретне со него за време на неговата турнеја на Блискиот Исток, велат неколку добро информирани извори, пишува Ројтерс.
Препорачано
Американскиот про-Трамп активист Џонатан Бас, кој се сретна со Шара кон крајот на април, се обидува да организира таков состанок на маргините на турнејата на Трамп во Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Сирија се обидува да ги спроведе условите поставени од Вашингтон за да ги олесни санкциите кои ја отсекуваат земјата од глобалниот финансиски систем и се бори да се опорави од 14-годишната граѓанска војна, наведува Ројтерс.
Трамп денеска посочи дека можеби ќе ги олесни санкциите, бидејќи тоа ќе и даде можност на Сирија за нов почеток.
Застапниците за подобрување на односите меѓу Сирија и САД се надеваат дека средбата меѓу Трамп и Шара, кој САД сè уште го означуваат како терорист поради неговото минато од Ал Каеда, може да помогне да се омекне ставот на републиканската администрација кон Дамаск.
Бас истакна дека Шара сака бизнис зделка за иднината на неговата земја, како и дека е подготвен да им понуди на САД можност да ги искористат сириските енергетски извори.
Во исто време, сирискиот лидер би предложил тој да биде медијаторот меѓу САД и Иран, наведува агенцијата
„Тој исто така ми кажа дека сака да се изгради Трамп кула во Дамаск. Тој сака мир со неговите соседи. Тоа е добро за регионот, и за Израел“, заклучи Бас.