Димитров во Белград: Тешко ќе биде да ја вратиме довербата во европското ветување, особено на младите

Никола Димитров/ Фото: МИА

Самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на регионот е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок, поосчи вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќање на панелот „ЕУ-Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?” во рамки на Економскиот форум во Белград.

Главниот фокус на дискусијата беше ставен на европската перспектива на регионот во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува оваа среда во Брдо, Словенија.

– Нашиот проблем е што дури и најдобрата можна формулација на зборови во декларацијата од Самитот навистина нема да биде доволна за да ја вратиме надежта и довербата во европското ветување за иднината, особено на младите – ако нема конкретен и опиплив успех што е можно побрзо. Очекувам пораката од Брдо да ги надмине декларативните заложби од Софија и Загреб со кои се реафирмираше европската перспектива, рече Димитров.

Димитров нагласи дека иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес што се теми на агендата за Самитот, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето на регионален внатрешен пазар, состојбата со Ковид-19 и процесот на вакцинација, зелената агенда, како и напорите за намалување на роаминг трошоците меѓу регионот и ЕУ.

– Самитот треба да биде можност за да се зајакне стратешката комуникација меѓу ЕУ и Западниот Балкан, бидејќи Унијата е навистина нашиот најблизок пријател и најголем донатор. Обединет Балкан е возможен само во обединета Европа, а без Балканот ЕУ не е комплетна. Европското обединување е можно само врз основа на европскиот наратив и процесот на пристапување е основната рамка, но не може да биде функционална ако не обезбедува резултати, ако не испорачува, ако не се заснова на доверба и кредибилитет, рече Димитров.

На панелот учествуваа и амбасадорите на ЕУ и на Словенија во Белград, Емануел Жофре и Дамјан Бергант, известителот за Србија во Европскиот парламент Владимир Билчик, како и претседателката на Европското движење во Србија Јелена Миниќ, додека пак модераторка беше Симонида Кацарска од Институтот за европски прашања – Скопје.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот